Работиме на изнаоѓање решение за Северна Македонија да оди напред во втората фаза од преговорите со ЕУ. Не сакаме Северна Македонија да биде оставена назад. Сепак, креативните решенија мора да бидат усогласени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, велат извори од Брисел за МИА.
Посочуваат дека треба да се усвојат уставните измени и дека нема да има нови одложувања за да може државата да продолжи напред со процесот.
Заклучоците на Советот на ЕУ, велат дека не можат да се изменат и во тој контекст се што ќе се изнајде како решение ќе мора да се усогласи со она што е легално усвоено.
Истите извори посочуваат дека новата еврокомесарка за проширување и соседска политика Марта Кос напорно ќе работи во пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.
Во ЕУ впечатокот е дека треба да се искористи моментумот за земјите од регионот создаден со новите геополитички околности.
Во однос на уставните измени со одложено дејство, изворите од ЕУ велат дека тоа не е опција бидејќи не е во согласност со заклучоците на Советот. Но, нагласуваат дека може да се најдат и други начини за да се испрати сигнал дека земјава нема да биде оставена назад, бидејќи, како што посочуваат, тоа е неприфатливо.
Изворите од ЕУ потсетуваат дека процесот на пристапување се заснова на заслуги и оти земјава треба да продолжи со реформите, а фокусот да се стави на владеење на правото и реформите во правосудството.
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос вчера во изјава за медиуми по одобрувањето на новиот состав на Европската комисија, изјави дека очекува Северна Македонија да го промени Уставот, бидејќи, како што рече, тоа е нешто на коешто смета Европската Унија. На прашањето дали после тоа може да се дадaт гаранции дека нема да има други блокади, Кос рече дека таа не е онаа која може да даде одговор на тоа прашање.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска од Подгорица, коментирајќи ја вчерашната изјава на Кос истакна дека и забележува на дикцијата во однос на очекувањата за уставните измени и додаде дека едно е да се укаже или препорача, но да се каже дека мора значи премногу бирократско перцепирање на Европската Унија. Таа повтори дека во потрага по вин-вин ситуација од наша страна „велиме дека еве ќе го сториме и тој чекор, но со одложено правно дејство“ и нагласи дека ако се дозволи ветото да опстои, дури и најуспешните во чекорењето пред крајот можат да се соочат со него.