Мицкоски упати честитка до Трамп за победата на изборите за претседател во САД

Премиерот Христијан Мицкоски лично и во име на граѓаните, упати срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави.

– Оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи, објави на неговиот фејсбук профил премиерот Мицкоски.

Тој напиша дека Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион.

– Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ!, стои во честитката до Трамп од премиерот Мицкоски.