Поранешниот американски претседател Доналд Трамп му рекол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека сака Израел да ја заврши војната во Газа до неговото враќање на функцијата ако победи на изборите, рекле два извора на кои се повикува „Тајмс оф Израел“.
Таа порака првпат беше пренесена кога републиканскиот претседателски кандидат бил домаќин на Нетанјаху во Мар а Лаго на Флорида во јули, изјави поранешен функционер на администрацијата на Трамп и еден израелски претставник.
Иако Трамп јавно потврди дека му рекол на Нетанјаху дека сака брза победа на Израел во војната, изворите на кои се повикува израелскиот весник за првпат велат дека е поставен краен рок за постигнување на таа цел.
Поранешен американски официјален претставник нагласи дека Трамп не бил конкретен во неговиот апел до Нетанјаху и дека може да ја поддржи „преостанатата активност“ на израелската војска во Газа се додека војната официјално не заврши.