„Почитувани дами и господа, драги пријатели,
Денес сме овде да го одбележиме државниот празник 23ти Октомври.
Дојдени сме овде да го одбележиме денот на Македонската Револуционерна Борба, ден кој треба да не потсетува, но и освестува дека ние сме минливи, но нашето дело и идеја се тоа кое треба да говори за нас.
Делото на организацијата која ги носи историските свети букви ВМРО е дело кое денеска ни овозможи да имаме самостојна држава и своја самосвест.
Никулците на македонската национална мисла создадени пред Илинденскиот период, делата и идејата на преродбениците, и енергијата на македонското граѓанство, ефектите од претходните востанија на разни делови на тогашната Македонија, кулминираа и се преточија во движечката сила на Македонската револуционерна Организација. Тоа беше силата втемелена во идејата за сопствена независна држава со свој идентитет и посебност.
Македонската слобода не беше подарена на тацна, напротив. Македонската приказна е испишана со крв, солзи и непокор и затоа е вечна знаат да кажат тие кои ја познаваат историјата на организацијата.
Таа не зависи од надворешни притисоци, влијанија, постапки на одродени политичари, предавства на поединци, туку таа идеја се храни и живее во секој жив кој за неа се бори на свој начин, во својата област, со своето знаење и со своите вештини, верба и надеж, онаму каде може и колку може, до последниот од нас, кој во себе ја носи идеја.
Многу работи се кажани на овој ден, многу работи се случија во историјата кои водеа кон овој ден на формирање на Македонската Револуционерна Организација, но и многу работи се случуваа откако таа се формираше.
Таа претрпе и преживеа неуспеси, поделби, братоубиствена војна, меѓусебни пресметки, разочарувања, идеолошки поделби, од нејзе се издигнаа херои, и паднаа антихерои, од нејзе се раѓаше борбата за своја држава, но се трудеа и да ја злоупотребат нејзината моќ и значење за нашиот народ и сакаа преку нејзе да станеме дел од друга држава.
Македонската Револуционерна Организација ја започнала Македонската национално ослободителната борба и го предводела населението, без разлика на неговата вера и народност, во борбата против Отоманската империја. Круната на таа борба за слобода е Илинденското востание во 1903 година.
Првите обиди за формирање на организација се датираат кон крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на 19 век, некаде околу 1889 година Пере Тошев му пишал писмо на Ѓорче Петров да формираат: ”Организација за ослободување”.
Во летото 1891 година во Битола, Дамјан Груев направил обид за формирање на една организација, имено тој го формирал Учителскиот сојуз со чисто револуционерни цели, но неговата дејност била попречена од Архимандритот Козма Пречистански.
Во 1892 година кај Иван Хаџи Николов созреала идејата дека само една организација може да го пресече патот на пропагандите. Почнал да бара лица кој би можеле да му помогнат во оформувањето на таквата организација, и такви луѓе, во тој момент видел во Димитар Цонев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и Христо Батанџиев.
Оформувањето на организацијата било одложено, бидејќи биле малкумина, но идејата не ја напуштиле.
Состанокот за формирање на организацијата се одржал во сабота навечер, во станот на Христо Батанџиев. На овој состанок присуствувале Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и секако домаќинот Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџе, Ениџе Вардарско.
На оваа средба била разгледана општата состојба, и дошле до заклучок дека положбата на населението е неподнослива, за да се подобри потребна е една: Планомерна и сериозна акција и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има.
Со текот на времето Организацијата стана колевка на македонската борба. Сопатник и нејзин нераскинлив дел. Јас ги следам и оние дебати за тоа чие е ВМРО… но тоа нераздвојно и непоколебливо му припаѓа на македонскиот народ. Затоа што организацијата беше народот.
И од народот произлегуваа и водачите, најблескавите луѓе и народни херои кои се дело се поклонува пред олтарот на борбата за слобода.
Кога сум кај тоа, оваа година се навршија 100 години од убиството на Тодор Александров.
Според многумина историчари тој бил еден од најмоќните и највлијателните лидери на ВМРО. Ја издигнал организацијата од рушевини и ја направил најмоќната организација во Европа, со која сите сакале да соработуваат и од која сите се плашеле. За нејзе слушнале буквално низ цел свет.
За нејзе учеле сите од регионот, и од нејзе учеле сите кои знаеле што е борба за сопствена држава и идеја.
Сакам на овој ден на денот на формирањето на Македонската Револуционерна Организација да му оддадам почит, и да ги кажам зборовите кои одекнуваа при неговата смрт, а со кои соопштението за смртта до јавноста го завршиле во тој период.
Во тоа соопштение објаснувајќи кои се убијците кои го сториле тоа убиство и објаснувајќи што се случило завршило со реченицата: Тодор Александров е мртов! Живее Тодор Александров.
Има ли помоќни зборови за некоја личност, кога човек ќе каже дека и покрај насилната смрт на тој човек, тој продолжува да живее. Заради неговото дело, заради неговата идеја, заради тоа што го направил за сопствената татковина.
Слава му!
Драги пријатели,
Пред малку кажав целите на организацијата биле- Планомерна и сериозна акција и тоа колку побрзо, толку поголем изглед за успех ќе има. И пред се тоа е завет кој обврзува.
Јас сакам денес да говорам токму за тоа, за акцијата која ние потребна и за планомерноста која мора да ја имаме.
Но, најпрво сакам да истакнам дека голем дел од патот кој го минуваме заедно ме потсетува на патот кој го поминувале и тие. Кога ќе помислам на патот кој го поминавме заедно јас сум полн со благодарност, вашата енергија е инспиративна и јас сум благодарен на сите кои се со мене и оваа генерација кои со својата храброст и постојаност мотивирате и ме правите да сум понизен во секој чекор, при секоја одлука, свесен дека се што почнува и завршува, а најважна е нашата жртва што сме спремни да ја дадеме пред нашиот народ, без разлика на вера, нација, политичка припадност.
Патот кој ме доведе до овде до ова место до кое сум денеска, премиер на државата беше полн со предизвици, тоа е трнливиот пат на македонската политика во многу нешта не толку различен од она што се случувало во минатото во организацијата, чие основање го славиме денеска како државен празник. Веројатно тогаш методите биле поразлични, препреките сигурно посурови, но суштината на предизвиците идентична.
Подобриот живот на македонскиот народ и сите други граѓани споменати и во Крушевскиот манифест подоцна, но и борбата за да се биде свој на своето, за својот идентитет и посебност, да се биде прифатен и признаен, а таа борба не следи до денеска, и затоа велам суштината на нашата борба и нивната на историското ВМРО е иста.
Историјата треба да зближува, а не да разединува.
И затоа сакам овој ден да го славиме сите, и левата и десната страна од политичкиот спектар. Затоа што ВМРО е и нивна историја, во ВМРО и тогаш имало поделба на леви и десни. Сакам ова да биде празник на сите граѓани заради сплотеноста која ја демонстрирале тогаш сите од разни краеви на Македонија без разлика на етничката припадност.
Јас сакав и можеби наивно се надевав дека мојот мандат ќе биде фокусиран исклучиво на реформи, проекти, мерки и реализирање на програма, на економија, развој и спроведување реформи, но за жал не може да помине еден мандат на една гарнитура без таа да е проследена со некои историски или национални теми или прашања.
Но ако се вратиме наназад ќе видиме дека тоа е проклетството кое мора да го носиме, гордиевиот јазол на македонското прашање не може едноставно да се пресече, туку е надвиснат над нашата земја веќе со децении и векови. Прашањето е живо, не само затоа што ние го држиме живо, туку затоа од секогаш сите се обидувале да го држат живо поради некои сопствени, регионални или глобални интереси.
Оттука нема да биде лажно ако кажеме дека желбата на сите била да ја делат оваа територија, да ја окупираат, едни па други, па трети, па сакаа да ја обезличат, нешто кое и денес е актуелно.
Но ние не смееме да се предаваме, колку и да е тежок овој предизвик. Цел на секоја наредна генерација е да изоди барем чекор нанапред во зачувување на идентитетот на македонците.
Негаторски политики секогаш имало. Историјата се повторува, но секогаш како фарса. А ние мора да си тераме по својот пат, мора да сфатиме дека да имаме подобра иднина каква што сакаме и онаква држава како што заслужуваме и тоа зависи исклучиво од нас и од никој друг. Ако ние не водиме сметка за институциите, буџетот, околината, ние ќе живееме полошо.
Ние мора самите да се свртиме кон нас, и да се цениме повеќе, да веруваме во себе, да не дозволуваме апатијата да не проголта и да не водат алузии дека сите не пристигнале и дека нас не не бива. Тоа не е точно. Ние одамна ќе бевме во ЕУ да не беа билатерални проблеми, да се потсетиме билатералните проблеми веднаш на денот на осамостојување постоеја и траат до денес. И траат како дел од нивна стратешка политика базирана на нивното гледање на историјата и нивните регионални интереси и цели, до ден денес.
Јас од кога почнав да се занимавам со политика тврдам – На македонското прашање му е потребна енергија. И сметам дека денес дојде денот да отпочнеме еден сериозен проект.
На овој ден сакам да иницирам еден проект кој Владата ќе проба да го договори со Македонската Академија на Науките и Уметностите и со универзитетската заедница, проект кој ќе биде сеопфатен и преточен во стратегија на државата до 2050та година, со кој ќе се дефинираат приоритетите на развој на државата, демографските предизвици, економските цели, и како да се стигне до нив, земјоделски, технолошки развој, енергетски и транспортен развој, и така натаму.
Значи сеопфатна стратегија која ќе ја дефинира новата парадигма на современата држава. Ние мора да ги користиме знаењата на сите кои можат да помогнат, ние мора да се обединиме и да поставиме долгорочни цели за развој на државата, а потоа ќе побарам широк партиски консензус за прифаќање на таа стратегија. На државата тоа и недостасуваше со години.
МАНУ и научните умови беа маргинализирани и насочени само кон своите проекти и научни цели, но мора да се вклучат и да помогнат во развојот и во поставување на нејзините цели и приоритети. И сега знам дека во јавноста ќе почне да зборува за ваква или таква академија, па заради тоа го кажувам сето ова. Науката, целите и стратегијата не треба да се етнизираат. На граѓаните им е потребна им е стратегија и преку глава им е од водење на државата ден за ден.
Ако имало стратегија и заеднички приоритети и патоказ како да се постигнат, немаше да чекаме 20 и кусур години да не признаваат земји под уставното тогашно име, според стратегијата на Глигоров, дека времето работи за нас, која не велам дека не била исправна во тоа време, сигурно имале свои причини зошто правеле таква стратегија. Затоа за да не доаѓаме до такви тешки моменти потребно е долгорочна стратегија чии главни точки и стратешки цели нема да зависат од лакомоста на политичарите, ниту од нивното незнаење. Или што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990та година? Каде ќе беше денеска нашата татковина?
Јас не викам дека јас сум најдобар, напротив и јас има работи кои ги учам со оваа професија, и самиот си увидувам грешки па се трудам да ги исправам, сакам да слушнам различни мислења и охрабрувам дебата, јас верувам во демократијата и во потенцијалот на демократијата, но истовремено јас сакам да ги соберам околу себе најдобрите и заедно да работиме да одиме напред. Луѓе сме, знаеме по некогаш и да погрешиме. Но, уште повеќе грешно ќе биде ако сме констатирале дека сме погрешиле не се корегираме. Сите оние кои ќе констатираат дека погрешиле бескрајно ги почитувам.
Потекнувам од универзитетската заедница и знам што значи титулата која ја имаат сите оние кои ги повикувам да се вклучат во овој проект. Од нив може многу да научиме и тие се духот на нашата земја и дел од нашиот идентитет.
Секоја Академија на науки од соседството соработува со својата државата, и придонесува кон градење на стратегиите на државата, нашата мора да го добие заслуженото место на почит, но и на одговорност.
Еве да ја почнам јавно дебатата кон која треба да се насочиме: Последните 70 години сме на добар пат да исчезниме како држава. Тоа е една генерација од сега.
Зошто никој до сега не ја отворил оваа тема?
Според анализите на Стратфорд од земјава до 2050та ќе има 400 илјади луѓе помалку. Дали знаете што значи тоа за општеството, економијата и за државата? Населението кое се иселува е работоспособно.
Сериозни држави планираат со десетици и стотици години нанапред.
После договорот за Хонг Конг и Британците и Кинезите излегле среќни. Кога ги прашале Британците зошто се радосни, тие одговориле во наредните 100 години Хонг Конг ќе биде наш, а кога ги прашале Кинезите зошто сте вие радосни, тие рекле, после 100 години Хонг Конг ќе биде наш. 100 години оттогаш одамна поминаа. Хонг Конг е сега кинески.
Историјата може многу да не научи и стратешкото размислување и планирање може и мора многу да ни помогне во периодот кој следи.
Кој ако не МАНУ, требаа да се организира во изнаоѓање лек за ова и во дефинирање на најголемите предизвици во иднина на државата.
Како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе кои ќе работат, да не кажам од нив повеќе под пола во администрацијата. Кој ќе ја одржува таа држава?
Знае ли некој од овие кои досега ја воделе државата – каде оди државата???
Размислил ли некој и отворил дискусија за клучните прашања? Демографија со миграцијата и наталитетот? Вредностите кои треба да ги имаме? Приоритетите кои мора да ги решаваме. Како да посадиме денес, за идните генерации да жнеат плодови. Дајте да дефинираме што а најважно, кои се нашите приоритети и да одиме напред.
Ние како Влада имаме јасен план што да правиме во својот мандат. Имаме програма, имаме генерална стратегија и ги имаме предвид овие работи кои ги спомнувам при носењето одлуки, но искрено се сомневам дека има уште многумина кои мислат на овој начин. Овде еден од главните проблеми е политиката купи ден продај. И толку. Никој не размислува стратешки и долгорочно.
Ги слушам нашите политичките противници кои гледаат како да ми извадат од контекст изјава која ја кажувам, па ќе кажат овој го призна Преспанскиот договор, овој кажа Северна, тој не кажа Северна, и така влегуваат во еден магичен круг на обвинувања, политика која што се води ден за ден, играјќи на картата на кратко помнење на македонските граѓани.
Но, јас имам еден одговор до нив. Малку подалеку ги гледаме работите, бидејќи вие од каде сега сакате да стигнете, ние од таму се вративме. Ајде да се обединиме и заеднички да носиме одлуки за иднината, бидејќи друга татковина немаме освен оваа наша заедничка Македонија која што јас сакаме најмногу на светот.
Затоа јас им велам секој ваш предлог кој што е конструктивен и кој што е во оваа насока ќе го прифатиме. Тука не можам а да не го прокоментирам она последното, дека ќе поднеле закон каде што минималната плата ќе била 27.700 денари притоа забораваат дека 7 години имаа можност да направат нешто. 7 години имаа можност да го подобрат стандардот на граѓаните, наместо да го пљачкаат брутално буџетот на истиот тој народ, и кого даваат предлози забораваат дека остави држава во банкрот.
Дајте да размислуваме стратешки и за добро на државата.
Ова е суштински период верувајте. Ова е период од кој ќе се знае ќе не биде или не.
Знам дека звучи драматично некому можеби ќе му звучи и патетично но дали знаете дека ако сакаме да успееме немаме избор освен да соработуваме. И тоа мора да почне веднаш и сега.
Тој површен пристап кон политиката не доведе до ова дереџе.
Иако и левицата и десницата, имаа навистина и квалитетни луѓе, сепак не се изнајде сила да се утврди национална стратегија на државата.
Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Времето како поминува работи против нас. И затоа сите може да чекаат. Само ние не смееме. Мора да се менуваме, мора да променуваме, мора да се развиваме, да реформираме, да се подобруваме. Од ден на ден, од час во час.
Ако сега сите не помогнеме заедно, осмислено и стратешки мудро, за жал ќе бидеме територија полна со духови и крстосница на криминалци, мигранти, зомби држава. Тоа некому одговара, но на нас не. Јас сум убеден дека не му одговара ни на регионот, иако многу мислат дека ќе не проголтаат како територија во една таква ситуација, тоа нема да е така.
И заради сето ова, сакам да им порачам на сите кои се подготвени да се борат за овие идеи за сопствената држава, кои веруваат сеуште дека можеме и дека ќе успееме, кои се столбот, кичмата на македонската држава, чиј непоколеблив патриотизам ме потсетува на оној на луѓето чија организација ја славиме на денешниот ден.
Јас сум вашиот глас. Секогаш да го знаете тоа. На секој родител кој сонува за своето дете и кон секое дете кое сонува за својата иднина ви ги упатувам овие зборови, јас сум со вас и ќе се борам за вас и ќе победам за вас. За сите граѓани во сите наши градови и села, го говорам ова мое ветување постојано, мора да ја направиме Македонија повторно ваша, повторно горда, повторно безбедна, со институции, со ред, земја на развој и просперитет каде што живеат среќни луѓе.
Тоа е нашата цел, тоа е нашата идеја.
Мојата порака денес овде е дека работите мора да се менуваат и мора да се менуваат сега, време е да се покаже на целиот свет дека како држава можеме, дека може да бидеме подобри и посилни од било кога.
Никогаш не се откажувајте, има времиња во животот кога човек едноставно сака да се откаже и да си оди дома, само ве молам верувајте ова не се такви времиња и, немојте никогаш да се откажувате, сум видел во животот многу брилијантни луѓе кои се откажале во својот живот, биле најдобри во својата група најдобри во класот, но се откажале, сум видел други кои немаа посебен талент, а сега се меѓу најуспешните во својата сфера, затоа велам најважна е посветеноста, најважна е одлучноста, фокусот, и пркосот, никогаш не се откажувајте затоа што има надеж, никогаш не запирајте да се борите за тоа во кое верувате и за луѓето кои се грижат за вас.
Ништо кое е вредно да се прави не дошло на лесен начин, следејќи ги вашите убедувања значи дека сте обврзани да прифатите критика од оние на кои им недостасува истата храброст да го направат тоа што е исправно, затоа што само во вас е силата, во вас е силата. Не дозволувајте никој да ви фрли сенка на сомнеж во вас самите и во нас заедно и да ве уверува дека државава нема да успее. Јас ви велам на овој ден овде, заедно ќе успееме!
Како што завршив на годишната конференција при мојот последен говор, сакам и денес да завршам, сакам секој од вас да знае дека Македонија е жива! И таа дише и ќе дише со секој наш здив, во секој наш поминат ден борба за нејзе. Јас не сум заборавил кој сум и од каде сум. Понекогаш е потребно да си прагматичен токму за да можам да и помогнам на нејзе и на граѓаните. И ќе бидам секогаш онолку прагматичен колку што е потребно. Само за да видам што е можно посреќни граѓани и да ја видам својата татковина успешна, модерна, европска држава. За тоа да се случи потребно е да се сплотиме и да се бориме.
Предизвиците изгледаат големи. Јазолот е надвиснат над нас. Но ние сме нова генерација мора да веруваме и мора да се бориме. Јас верувам во вас. Исто како што на овој ден на основачкото собрание на Македонската Револуционерна Организација веруваа и тие луѓе.
Тие почнаа храбро. Ние денес ги жнееме плодовите на сопствена држава благодарение на нивната жртва. Да се избориме плодовите од нашата борба да ги жнеат идните генерации и секоја наредна генерација да има подобра почетна позиција од нашата. Вистината за македонското прашање била, е и ќе остане жива.