Претседателот на Собранието Африм Гаши, денеска во германскиот Бундестаг, во Берлин се сретнал со Михаел Рот, претседател на Комисијата за надворешна политика, Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања и со Дирк Вупел, претседател на Групата за пријателство со земјите од Југоистична Европа.
Претседателот Гаши изразил огромна благодарност за континуираната поддршка на Бундестагот на нашиот евроинтегративен процес и последно, донесувањето на Резолуцијата, која ја признава македонската култура, идентитет и јазик, како составен дел од европското заедничко културно наследство.
– Во време кога постои негирање на овие универзални вредности, донесувањето на оваа резолуција е од особено значење за македонските граѓани, нагласил Гаши, соопшти денеска собраниската прес-служба.
Соговорниците биле информирани за степенот на постигнати реформи и за усогласеноста на нашето законодавство со европското над 45 проценти, што, се посочува, претставува добра основа за брз напредок доколку отпочнат преговорите по конктретните области.
– Беше апелирано за враќање на европската трака на процесот и избегнување на прашања што го оптоваруваат истиот и го намалуваат кредибилитетот на ЕУ и земјите членки за овој процес. Рот, како одличен познавач на состојбите, го изрази своето големо разочарување за случувањата и актуелното вето, имајќи предвид дека Република Северна Македонија направи многу отстапки и одамна ги има исполнето критериумите за отпочнување на преговори. Сепак, побара донесување на уставните измени и спроведување на реформите, се со цел за подобрување на животот на граѓаните во нашата земја и спречување на одливот на високо квалификуван кадар, кој бележи на интензитет во последната деценија, се вели во соопштението.
Хофрајтер ги потенцирал придобивките на Берлинскиот процес, кој им помогна на земјите поблиску да соработуваат и да ги користат предностите од регионалниот пазар, пред целосно интегрирање во единствениот европски пазар. Во овој контекст, била поздравена парламентарната димензија на Берлинскиот процес, како уникатна можност за директна инволвираност на парламентарците во донесувањето на подобри законски решенија што произлегуваат од одлуките донесени во негови рамки.
Вупел, иако новоназначен на оваа функција, нагласил дека е долгогодишен член на Групата за пријателство и редовно ги следи актуелните случувања во нашата земја. Неговата поддршка ќе продолжи за наше што поскоро интегрирање во Европската Унија, со цел избегнување на постапки и преземање на активности, со кои се доведуваат во прашање теми кои се сметаат за затворени.
– Германските домаќини ја потврдија нивната целосна поддршка и ја понудија својата помош за забрзување на евроинтегративниот процес. Истовремено, беа согласни со претседателот Гаши дека одличната динамика на средби на сите парламентарни нивоа треба да продолжи и во иднина, но и во останатите сегменти во државата, како во економијата, образованието, културата, животната средина, земјоделието и други прашања од взаемен интерес, се посочува во соопштението од собраниската прес-служба.