Власта оптимист за евроинтегративниот процес на земјава и со јасна позиција „нема уставни измени, без гаранции дека ќе нема нови вета“

По учеството на самитот на Берлинскиот процес и остварените средби, премиерот Христијан Мицкоски е поголем оптимист во однос на очекувањата за евроинтегративниот процес на земјава и е во дилема дали ќе го испрати најавеното писмо до Европската унија со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите. Нагласува дека „задача на владата е да ги брани националните интереси, а национален интерес претставува полноправно членство на земјава во рамките на ЕУ“ и дека „ќе продолжи да ги решава проблемите дома, но ќе се бори надвор со сите сили врз основа на Копенхагеншките критериуми, а тоа не се ултиматуми и диктати, туку разговор“.

Коментирајќи ја изјавата на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок дека „уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите“, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, вели дека „имаме јасна позиција, нема уставни измени под бугарски диктат, без гаранции дека нема да има нови вета“.

Секој е подложен на стандардни безбедности процедури кога се користат комерцијални летови. На ваков тип на процедури сум подложен и јас како македонски премиер. Жалиме за последното случување

Мицкоски, вчера на прес-конференција во Владата, кажа дека имал исклучитлено квалитетна посета во Берлин. Во интерес на разговорите и очекувањата, не сакаше јавно да споделува детали, но упати порака до граѓаните дека нема да ја напушти одредницата за одбрана на националните интереси и евроинтеграцијата на земјата.

– Мојата порака до граѓаните е дека однесувањрто на оваа Влада и мене како премиер, ќе разочара една група луѓе, а тоа се опозицијата. Но да бидат сигурни дека никогаш, ама никогаш и по никоја цена нема да ги изневерам очекувањата на граѓаните, ниту да ги напуштам одредниците кои значат интерес на огромно мнозинство македонски граѓани, а тоа е одбрана на националнте интереси и интеграција на земјата во рамките на Европската унија, нагласи Мицкоски.

Не сакаше да го коментира брифингот на специјалниот претставник на Германската Влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин дека во Берлин биле одбиени македонските предлози, повторувајќи дека е многу поголем оптимист, после посетата на Берлин отколку што бил претходно.

– Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите дома, но ќе се бориме надвор со сите сили, кои ги имаме на располагање, врз основа на Копенхагеншките критериуми, врз основа на вистинските вредности на ЕУ, а тоа не се ултиматуми и диктати, туку разговор, конструктивен дијалог, кој што ќе биде основа за изнаоѓање трајно и долгорочно решение со кое нема едните да бидат понижени, туку напротив сите задно ќе се бориме за одбрана на овие вистински европски врендости. Наша задача како влада која доби повеќе од 600.000 гласа на изборите на 8 мај, прво да ги браниме националните интереси, а национален интерес претставува полноправно членство на земјава во рамките на ЕУ, истакна премиерот.

Во однос на најавеното писмо до Европската унија, тој подвлече дека по посетата на Брисел има дилема дали да го испрати бидејќи ги запознал сите со содржината.

– Имајќи предвид дека претседателката на Комисијата доаѓа на 24 октомври, имавме можност во Берлин неофицијално на ручекот да разговараме и на маргините на самитот на Берлинскиот процес и со канцеларот Шолц имав неофицијална средба, која беше многу пријателска и содржајна, посочи Мицкоски. 

Коментирајќи ја вчерашната изјава на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, која рече дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски вчера во Велес, истакна дека позицијата на Владата е јасна, директна и отворена, а тоа е дека нема уставни измени под бугарски диктат и оти единствен начин тоа да се реши е да се даде гаранција дека нема да има натамошни блокади од ваков тип.

Прес-конференција на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

– Нашата позиција е многу јасна, директна, отворена, а тоа е дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека единствен начин ова да се реши е да добиеме гаранција дека ова нема да ни се повторува на секои шест месеци, Македонија со шок да се соочува и да имаме нови и нови вета. Еден од начините ние го предложивме – тоа е одложено важење на уставните измени, коишто би влегле во сила со денот на ратификација на протоколот за членство на Македонија во ЕУ од страна на бугарскиот Парламент. Доколку навистина Бугарија сака Македонија да влезе во ЕУ не гледам што им прават разлика три години затоа што, нели, сите велат дека сме подготвени и дека за три години ќе ги завршиме преговорите, рече Николоски одговараќи на новинарски прашања.

Шефицата на германската дипломатија Бербок во вторникот по средбата со македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Берлин, изјави дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите.

На ист начин како што Германија најде мир исклучиво во Европската унија по 1945 година, „така и нам ни требаат сите шест земји од Западен Балкан да бидат во ЕУ за траен мир на нашиот континен

– Вметнувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ, порача Бербок по средбата со Муцунски, која се случи еден ден по самитот на Берлинскиот процес, на кој лидерите на земјите од Западниот Балкан се согласија на неколку договори кои треба да ја подобрат соработката во делот на економијата и образованието.

Според неа, во случајот на Северна Македонија не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ.

– Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат, истакна Бербок, дополнувајќи уште еднаш дека без да се направи последниот чекор, патот кон ЕУ нема да може да продолжи.