Мицкоски: Германија станува наш силен поддржувач., сојузник и партнер во евронтеграциите

Пораката која што овде во Берлин стигна до мене, е дека Германија станува наш силен поддржувач, наш сојузник и партнер во процесот на евроинтеграциите. И тоа е она коешто е важно за македонските граѓани, и за нас како држава, вели во изјава за МТВ премиерот Христијан Мицкоски.

-Ценам дека и на билатералната средба, но и претходно на работниот ручек, и на почетокот на денот кога беше и официјалниот дел на состаноци, како резултат на овој берлински процес, и Самитот на самиот Берлински процес, можев тоа да го почувствувам и можев тоа да го видам, не само од канцеларот Шолц, туку и од останатите високи официјални лица, и премиери на земји членки на ЕУ, дека поддршката за нас во евроинтегративниот проце е огромна, и таа е, никогаш ниту била, ниту ќе биде доведена под знак на прашање, рече Мицкоски.

Кажа дека ги презентирал и приоритетите на Владата, во делот и на економијата, во делот на нашата амбиција да бидеме раскрсница на Балканот, во поглед на енергетските текови, патната инфраструктура и железничката инфраструктура, бидејќи и природно, и географски, ние сме таа раскрсница на два важни европски коридори.

-Тоа е Коридорот 8 и Коридорот 10. И мислам дека тоа како Влада ќе го оствариме. Исто така истакнав и политичка, но и економска цел, а тоа е дека до 2026 година да произведуваме онолку домашно количество на електрична енергија колку што и ќе трошиме, односно да бидеме нула увозници на електрична енергија, а од 2027 со реализирање на проектите на овој во план и да бидеме извозници. Во делот на евроинтегративните процеси, уште еднаш го потенцирав ставот на Владата дека премногу имаме, и како народ, и како држава во изминатите децении дадено, и дека заслужуваме шанса да ги почнеме процесите безусловно. Дека заслужуваме да ги отвораме поглавјата и да ги покажеме нашите капацитети за тоа колку бргу ќе ги затвараме поглавјата, рече Мицкоски.

Нагласи оти останува подготвен да разговара со било кого за се изнајде решение, како што кажа, коешто ќе значи на долг рок вистинско решение со јасен крај, а крајот треба да биде членство на Македонија во рамките на ЕУ.

-Средбата со Шолц беше исклучелно корисна, пријателска, искрена. На средбата беа разменети позиции и ставови поврзани по овие, но и по останатите геостратешки прашања коишто се важни за македонските граѓани. Многу е сложена операцијата, би рекол, како малуброен народ и помала држава да ги браните националните интереси, но ние ќе ги браниме. Оваа Влада ќе ги брани. Ние не водиме дипломатија на свиткана кичма, туку водиме дипломатија која што се темели на аргументи. Не водиме дипломатија со која ќе прифаќаме се што ќе ни биде поставено на маса, туку водиме дипломатија во која што ќе ги браниме интересите на нашите граѓани, на нашата татковина, а истовремено и ќе работиме со нашите партнери. Германија е наш најголем поддржувач, наш партнер, и убеден сум дека заедно ќе можеме да ги надминеме сите оние предизвици коишто се исправени пред нас, и дека ќе се радуваме конечно на членството на нашата татковина во рамките на ЕУ, нагласи тој.

Оцени дека е многу поголем оптимист по билатералните состаноци што ги имал во Берлин, исто така во Бундестагот, и со многу влијателни пратеници од пратеничката група на нивната сестринска партија.

-И убеден сум дека и посреќен сум после оваа посета во Берлин, а и после овој Самит, дека конечно и ние наскоро денеска ќе бидеме дел од европското семејство, нешто коешто го заслужувавме многу порано, рече Мицкоски.