Парите од унгарскиот кредит ќе помогнат за развој на економијата, смета ресорниот министер Дурмиши

Министерот за труд и економија Бесар Дурмиши смета дека парите од унгарскиот кредит во износ од 500 милиони евра ќе придонесат за развој на економијата во земјава.

– На првиот повик на Министерството за локална самоуправа за грантот од 100 милиони евра аплицираа над 80 општини со над 350 проекти. Со следниот чекор ќе се поддржуваат домашните компании со грант од 250 милиони евра. Затоа мислам дека овој кредит ќе донесе развој на економијата. Доколку нема економски развој ќе ни се случи тоа што ни се случува во изминативе 20 години, рече Дурмиши во одговор на новинарско прашање нa денешната прес-конференција посветена на 100 дена Влада.

Договорот за унгарскиот заем во висина од половина милијарда евра ќе биде потпишан денеска во Будимпешта од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. 

Кредитот се зема со каматна стапка од 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. 

Унгарскиот кредит го договорија премиерот Христијан Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на учеството на Самитот на НАТО во Вашигтон, а Законот беше изгласан во Собранието на 17 септември годинава. Со законот за заемот од Унгарската Експорт импорт банка, земјава ќе треба да плати провизија за правни услуги во висина од околу 70 илјади евра.