„Северна Македонија: Важен чекор напред за зајакнување на регионалната соработка, средбата Герапетритис- Муцунски“; „Герапетритис до Скопје: Почитување на Договорот од Преспа и правилата за добрососедство“; „С. Македонија: „Важен чекор напред“ за зајакнување на соработката, средбата со Герапетритис“; „Нова порака за почитување на Договорот од Преспа“; „Порака на Герапетритис до МНР на С. Македонија за Преспа: Европската перспектива бара посветеност на меѓународните договори“, се дел од насловите во грчките медиуми за вчерашната средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Грција Тимчо Муцунски и Јоргос Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчерашната прва билатерална средба со неговиот грчки колега ја оцени како одлична, позитивна и конструктивна, а како што јави известувачката на МИА од Њујорк, шефот на дипломатијата изјави дека „во духот на добрата верба и во духот на почитувањето на обврските кои произлегуваат од меѓународното јавно право заеднички ќе работиме сите да ги реализираме обврските коишто ги имаме“.