Николоски на состанок на министри за транспорт на земјите членки на ЕУ во Будимпешта

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчеравечер во Будимпешта оствари работна вечера со министрите за транспорт на Белгија, Малта, Грција, Германија и Кипар. На средбата министрите разговараа за развој на транспортниот сектор во регионот.

Како што информираат од Министерството за транспорт, Николоски ги претставил приоритетите на нашата земја, со посебен фокус на изградба на брза пруга на Коридор 10 како и олеснување на транспорот и трговијата меѓу земјите од Западен Балкан. Нагласена беше важноста и од изградба на Коридор 8.

Во рамки на денешниот министерски собир, министерот Николоски ќе оствари работни средби и со министрот за транспорт на Италија, потоа со министерот на Унгарија и Австрија, како и со претставници на ЕУ каде ќе ги претстави проритетите на Македонија.

Состанокот на министри во Будимпешта е организиран од Унгарија во рамки на нејзиното претседателство со Европската Унија. Покрај министрите за транспорт од Унијата, на неформалниот состанок учествуваат и министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан, од земјите од ЕФТА, Украина, Молдавија и Грузија, како и претставници на институциите на Европската Унија и транспортни организации.

На собирот на министри и денеска ќе се разговара за предизвиците на транспортниот сектор на ЕУ, подобрувањето на конкурентноста и поврзаноста меѓу ЕУ и соседните земји меѓу кои и земјите од Западен Блакан. Посебен фокус ќе биде железничкиот сектор, мерки и стратегии потребни за воспоставување на брза железничка мрежа.