Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен утре ќе има работен ручек со шесте лидери на државите од Западниот Балкан, на кој ќе се разговара за меѓусебните односи и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, информира денеска портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро.
Таа истакна дека на работниот ручек се поканети премиерите на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти и на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претседавачката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во однос на Планот за раст на Западниот Балкан, Писонеро информира дека Европската комисија во моментов ја финализира проценката на доставените реформски агенди на земјите од Западниот Балкан поврзани со него, а кои се однесуваат на социо-економските аспекти и на областа на основните права.
– Кога ќе ги завршиме овие проценки, ќе се консултираме со земјите членки на претстојниот ИПА Комитет и во случај на позитивна оценка од страна на ИПА Комитетот, ќе ги одобриме реформските агенди, истакна Писонеро, додавајќи дека по ова ќе следи подготовката за исплата на првите транши од Инструментот за раст и реформи на Западниот Балкан.
Инаку, за време на престојот на премиерот Мицкоски во Брисел, во текот на утрешниот ден предвидени се негови средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
За време на посетата на Брисел, Мицкоски ќе биде придружуван од министрите на надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцински и за европски прашања Орхан Муртезани. Предвидено е Муцунски да се сретне и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и да се обрати на приемот организиран во седиштето на Алијансата во Брисел по повод Денот на независноста – 8 септември.