Муцунски-Буено: Потврдена шпанската поддршка за евроинтеграциите, потенцирана неопхдноста за забрзување на интеграциите во ЕУ на државава

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за време на работната посета на Шпанија оствари средба со неговиот шпански колега Хозе Мануел Албарес Буено, на која била потврдена шпанската поддршка за евроинтеграциите, при што Буено ја потенцирал неопходноста за забрзување на интеграциите на државата во ЕУ.

Како што соопшти МНР, од негова страна беше изразено задоволство за цврстото партнерство во рамки на НАТО и придонесот на Република Северна Македонија во контекст на регионалната стабилност. 

На средбата биле поздравени пријателските врски меѓу двете земји кои оваа година одбележуваат значаен јубилеј – 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи и било нагласено задоволството од досегашниот развој на билатералната соработка со истакнување на заемните заложби за натамошно зацврстување на пријателските врски и потребата од искористување на потенцијалот за интензивирање на соработката.

Муцунски го запознал својот шпански колега со реструктуирање на министерството, новите надлежности, можностите за инвестирање во државата, како и потенцијалот за продлабочување на соработката во повеќе области. Потенцирајќи ја важноста на политичката поддршка за интеграциите, министерот изразил благодарност за недвосмислена заложба на Шпанија за евроинтеграциите на нашата држава, како и задоволство на цврстото партнерство во рамки на НАТО Алијансата, стои во соопштението.

Говорејќи за евроинтеграциите на Северна Македонија, тој нагласил дека новата влада ги знае обврските што следуваат со процесот на интеграција и посветено работи на спроведување на неопходните реформи.

Двајцата министри се согласиле дека политичките и дипломатски односи помеѓу двете земји и во иднина ќе продолжат да се градат во духот на разбирањето и пријателството. Во таа насока, во следниот период двете страни ќе работат на унапредување на економската и културната соработка, промоција на спортската дипломатија, а со посебно внимание ќе се разгледа и можноста за  воведување директна авиолинија помеѓу двете земји.

На средбата станало збор и за организирање на бизнис форум на кој ќе се разгледаат можностите за економска соработка помеѓу двете земји. Министрите размениле мислења и за воениот конфликт во Украина, како и политичката состојба во регионот, стои во соопштението.

Во рамки на посетата на Кралството Шпанија предвидено е министерот Муцунски да се сретне и со членови на комисијата за надворешна политика на Сенатот на Шпанија, со потпретседателот на Шпанската конфедерација на бизниси (CEOE), Inigo Fernandez de Mesa, како и да има свое обраќање на Кралскиот Институт El Cano на тема “ЕУ интеграции како императив за безбедност, стабилност и развој на регионот на земјите од Западен Балкан”. Покрај тоа планирано е Министерот Муцунски да присуствува на Свечен прием организиран по повод 8 септември – Денот на независноста.