Меџити од Вашингтон: Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година

Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија, изјави првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити на 9. годишна конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа во Вашингтон.

Како што информира денеска МЖСПП тој нагласил дека преминот од јаглен до 2050 година бара силна финансиска и техничка поддршка. Помошта и финансирањето, според него, се клучни за трајна трансформација и за обезбедување правична транзиција за погодените заедници. 

Меџити нагласил дека забрзувањето на енергетската транзиција бара трансатлантска посветеност, со помош за подобрување на регулаторните рамки и енергетската инфраструктура. Создавањето зелени механизми за финансирање, додал, би го олеснило оддалечувањето од јагленот и развојот на чиста енергија, додека регионалната соработка преку Енергетската заедница би помогнала да се дизајнираат заеднички стратегии за оваа намена.

-Имајќи ја предвид стратешката позиција на Северна Македонија на Балканот, како и влијанието на војната во Украина и руското влијание, сакам да ја нагласам потребата од зголемено вклучување на САД и ЕУ. Оваа поддршка е од витално значење за да се обезбеди енергетска независност и да се намали руското влијание во регионот, истакнал Меџити на годишната конференција за енергетска безбедност во Вашингтон.