Вархеји: Целта е во октомври одржување меѓувладини конференции со Белград, Тирана и можеби Скопје

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји денеска изјави дека целта е во октомври да се одржат меѓувладини конференции со Србија,Албанија и можеби Северна Македонија.

– Со Србија, Албанија, а можеби и Северна Македонија, нашата цел е во следниот месец да одржиме меѓувладини конференции, изјави Вархеји.

На конференцијата за Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) и Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБП) во Будимпешта, Вархеји додаде дека ЕУ треба да ги продолжи преговорите со Србија и да го отвори Кластерот 3, кој се однесува на конкурентност и инклузивен раст. Воедно тој ги повика Белград и Приштина да напредуваат во дијалогот кој се води под посредство на ЕУ.

– Белград и Приштина мора да го продолжат дијалогот за да напредуваат на патот кон ЕУ. Потребен е конструктивен пристап, а еднострани потези кои создаваат тензии мора да се избегнуваат, рече Вархеји 

Во врска со резултатите од Европската комисија за политиката на проширување, Вархеји го посочи неодамна усвоениот План за раст за Западен Балкан, кој поставува основи за спроведување на побрза постепена интеграција, така што партнерите се подобро подготвени за процесот на пристапување

– Оваа понуда без преседан од дополнителни шест милијарди евра финансиска поддршка за Западен Балкан има за цел да го поттикне социо-економскиот развој и приближувањето на регионот на ЕУ и треба да ги обезбеди придобивките од членството уште пред пристапувањето. Во исто време промовира економска интеграција во регионот преку заеднички регионален пазар, потенцира Вархеји.

Тој нагласи дека вкупната финансиска поддршка на ЕУ за Западен Балкан до 2027 година ќе достигне „споредливо ниво на интензитет на помош“ како во сегашните кохезиони и структурни фондови на ЕУ, што значи 90 проценти од интензитетот на помошта до 2027 година.

Вархеји додаде дека Планот за раст треба да ги забрза реформските процеси во Западен Балкан и посочи дека сите партнери поднеле реформски агенди кои опишуваат како и кога ќе ги завршат реформите неопходни за влез во ЕУ.

Воедно, тој нагласи дека политиката на проширување стана главен приоритет на ЕУ и оцени дека денес поради геополитичката и безбедносната ситуација во Европа, проширувањето стана неизбежно бидејќи, како што нагласи, „нема мир , просперитет, безбедност во Европа без проширување“.

Тој рече и дека веќе не е прашање дали ќе има проширување, туку кога тоа ќе се случи и оцени дека колку побрзо тоа се случи, толку побрзо ќе се „вложи геополитичката инвестиција за зајакнување и консолидирање на темелите на нашиот долгорочен мир, стабилност, безбедност и просперитет.“ на целиот наш континент. Еврокомесарот вели дека проширувањето ќе остане на врвот на политичката агенда бидејќи, како што наведе, европскиот проект нема да биде завршен „без приклучување на нашите балкански пријатели и пријатели од Истокот“.

Комесарот на ЕУ за соседство и проширување изрази надеж и за понатамошни чекори за подобрување на односите ЕУ-Турција, велејќи дека Брисел сака „враќање на енергијата“ во билатералните врски со Турција.

– Ние сме активно ангажирани со Анкара за повторно да ги поттикнеме нашите билатерални односи, рече Вархеји во унгарската престолнина за време на Меѓупарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и Заедничката безбедносна и одбранбена политика. .

„После пет години, штотуку имавме продуктивна размена со турскиот министер за надворешни работи (Хакан Фидан) на последниот состанок во Гимних на крајот на август“, истакна тој, изразувајќи надеж за понатамошни дијалози на високо ниво, постепено повторно ангажирање на Европската инвестициска банка и повторно започнување на дискусијата за мандатот за модернизирање на Царинската унија ЕУ-Турција.