Мицкоски на Денот на независноста објави десет принципи за развој, стабилност и просперитет и повика на единство и сплотеност 

Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи. Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава која ќе ги заштити интересите на своите граѓани. Криминалот не смее да биде посилен од Владата и на ова зло му доаѓа крајот, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.

Дел од десетте принципи кои премиерот ги соопшти денеска беа воспоставување на правда и правна држава, крај на партизацијата на општество, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратешката цел за влез во Европската Унија.

На Свечената академија во организација на Владата, премиерот истакна дека мора да воспоставиме правда и правна држава. 

– И тоа не само флоскуларно и декларативно како до сега, туку суштински преку лични примери и колективни откажувања од сите оние срамни кои решиле да се посрамотат себе и своите семејства и отидат на другата страна на законот. Незаконието не смее да биде поведението кое ќе се следи. Без оглед кој е и што е во оваа земја, или ќе е чесен граѓанин или ќе има одговорност и одговара за своите постапки. Без оглед дали е власт или опозиција, посочи премиерот.

Тој нагласи дека мора да се прекине партизацијата на општеството и да ги изолираме елементите кои создаваат меѓуетничко неединство.

– Мора да ставиме мораториум на етнички произведените теми зад кои стои лукративниот интерес на поединци. Мора да се стави крај на листата, на долгата листа желби за етнички права зад кои вистински стои ништо повеќе, туку личниот интерес на тие кои ги произведуваат, за сметка на колективниот. Колку само отсутно звучи кога некој ќе побара дводомност, а во Липково и Тетовско нема вода за пиење. Јас сакам решенија за личните проблеми на народот а не решенија за личните интереси на малите групи политичари кои ја злоупотребуваат колективната мака на народот, рече тој.

Подобрување на стандардот на граѓаните, праведно општество и ивестициите во образованието ги издвои како едни од неопходните принципи.

Дополнително, посочи дека мора да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.

– Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат, потенцираше Мицкоски.

Како принципи ги издвои и единството, борбата против иселувањето и идеолошките битки.

– За сите овие принципи барам единство и сплотеност. Испраќам порака до лидерите во опозицијата околу овие 10 принципи да се обединиме сите, исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. И прифатете го ова што го нудам како платформа околу кое се обединуваме, посочи премиерот. 

Во своето обраќање во Македонска Филхармонија, Мицкоски потенцираше дека нивната визија за иднината вклучува и силен ангажман за економски раст и развој кој ќе обезбеди подобар животен стандард за сите граѓани.

– Има потенцијал да стане економски лидер во регионот, со модерна инфраструктура, со конкурентна економија и со иновации кои ќе ги поддржат младите и претприемачите.  Ние ќе продолжиме со реформи кои ќе ја подобрат бизнис климата и ќе овозможат нови инвестиции и работни места. Со заеднички напори ќе создадеме услови каде што младите ќе гледаат иднина, каде што ќе можат да ги остварат своите соништа и каде што ќе сакаат да останат и да придонесуваат за општеството, рече тој.

На церемонијата, покрај премиерот Мицкоски, присуствуваше и претседателката на државава, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши како и повеќе претставници од законодавната, извршната, судската власт и верските заедници.

Свечената академија започна со изведба на македонската химна од страна на детски хор во Македонската филхармонија. Беше прикажан видео спотот „Везилка“ која вклучува оригинална изведба на песната од Блаже Конески, како и изведби на дела од македонски автори поврзани со оваа тематика од страна на државниот џез оркестар.

Како што соопштија претходно од владината прес-служба, настанот е дел од пошироката иницијатива на Владата за подигање на свеста за значењето на независноста и заедничката борба на граѓаните за подобра иднина.