ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА И САД
Америкаснко-канадската епархија е една од трите задгранични епархии на Македонската православна црква. Таа е формирана на Третиот црковно-народен собор одржан во Охрид од 16 до 18 август 1967 година. Првиот нејзин епархиски архиереј митрополитот г. Кирил ја управуваше Епархијата од 1967 до 1987. Од 1987 до април 1989 година, митрополитот г. Стефан ја носеше титулата Американско-канадски, од април 1989 до 1992 година, епархијата ја администрираше архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил, а потоа епархијата беше под административна надлежност на Светиот синод на МПЦ. Архиепископот г.г. Михаил го презеде администрирањето на Епархијата од 1993 до 1999 година, архиепископот Стефан од 1999 до 2006 година, а митрополитот Американско-канадски г. Методиј (Златанов) ја управува Епархијата од 2006 година до денес
Оваа задгранична епархијата има 30 свештенослужители, 30 цркви и два манастира. Секоја година, почнувајќи од 1975 година организира црковно-народен собир на Денот на трудот во САД (првиот викенд во септември), на кој учествуваат сите цркви и манастири од Епархијата, како и илјадници Македонци од сите делови на Македонија кои живеат во САД и Канада.
Сегашниот надлежен архиереј на Американско-канадската епархија митрополитот г. Методиј беше интронизиран во соборниот епархиски храм „Свети Климент Охридски“ во Торонто на 04 септември 2006 година. Чинот на востоличувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква, неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, кој началствуваше со светата архиерејска литур-гија, во сослужение на митрополитот брегалнички г. Агатангел, митрополитот европски г. Пимен, свештенослужителите на Американско-канадската епархија, како и свеште-ници од сестринските православни – Грузиската и Романската православна црква.
На свеченостите по тој повод присуствуваа претставници на сите македонски православни цркви од Епархијата, на македонските дипломатско-конзуларни претставништва од САД и Канада, како и многуилјаден македонски православен народ од Северноамериканскиот континент.
На интронизацијата за митрополит на Американско-канадската епархија на Македонската православна црква, владиката Методиј, меѓу другото рече:
„Како икона на живиот Бог, епископот е оној кој го упатува и духовно раководи со свештенството, ѓаконството, монаштвото и сиот народ Божји, со соборот на светите, со Црквата, безбедно приведувајќи го словесното стадо кон првообразот кој е Господ Исус Христос. Бидејќи, според православната теологија на иконата, почитта што му ја оддаваме на образот се однесува на првообразот.
Добриот пастир е оној кој во името Христово и со силата на Светиот Дух дејствува во Црквата. Тој ги изведува словесните овци од заблудите на овој свет, од власта на гревот и злобата.
Митрополитот Методиј е роден во Берово на 24. 08. 1963 година. Неколку месеци подоцна семејството се враќа во Скопје откако состојбата во градот е релативно нормализирана по катастрофалниот земјотрес. Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Потоа најпрвин две години студира на Филолошкиот факултет “Блаже Конески”, на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а потоа ги напушта овие студии и се запишува на Православниот Богословски факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје.
Првите плодови од неговото исцело свртување кон Бога тој ги реализира во рамките на дејствувањето на интермедијалната група „Апореа“ (една од маркантните уметнички движења во осумдесеттите години на дваесеттиот век). Подоцна оваа уметничка група го менува името во „Анастасија“ и како нејзин интегрален дел произлегува популарната музичка група со истото име.
Заеничките проекти и настапи по балканските културни метрополи, како и ревносната работа во развивањето на личниот уметнички израз го трасираат патот на отец Методиј се подлабоко во сверите на литургиската уметност и литургискиот живот. Оттогаш своите христијански искуства тој непрестајно ги преточува и низ циклуси поезија и низ ликовни настапи.
Од почетокот на септември 1995 година, од основањето на машката монашка заедница во Струмичката епархија, најпрвин во манастирот “Света Богородица Елеуса” – Вељуса, а подоцна во “Свети Леонтиј” – Водоча, го започнува својот монашки живот. Во 1996 година е ракоположен за јеромонах и неколку месеци подоцна, на празникот на светите Петнаесет тивериополски свештеномаченици, за игумен на манастирот „Свети Илија“ во Струмица.
Во почетокот на 1998 година дипломира на Богословскиот факултет “Свети Климент Охридски” во Скопје. Набргу потоа ги запишува постдипломските студии на Катедрата за македонска книжевност и започнува да работи како редовен професор и заменик-ректор во Македонската православна богословија “Свети Климент Охридски” во Скопје.
Во 2004 година произведен е во чин архимандрит, а следната 2005 година е хиротонисан за епископ Велички. Во март 2006 година ја брани магистерската теза под наслов “Кочо Рацин и богомилите (исчитување на традициите)” со што се стекнува со титулата магистер по филолошки науки. Истата година е назначен, најпрвин за администратор, а потоа и за надлежен митрополит на Американско-канадската македонска православна епархија, чие седиште денес е во Македонската православна црква „Света Богородица“ во Детроит.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото на новинарите на Македонија. Автор е на два зборника есеи, осум збирки поезија и поголем бро дела со религиозен карактер, како и автор е на бројни текстови и студии објавувани во стручни списанија и зборници, публикации од симпозиуми, како и во електронските медиуми кај нас и во странство.
Покрај тоа беше главен и одговорен уредник е на списането “Православен пат”, гласило на Скопската епархија. Член е на редакциите на списанието “Портал”, рецен-зент на списанието “Православен Благовесник” на студентите од богословскиот факул-тет и соработник во списанието “Премин” и во електронското гласило “Премин Портал”.
Учесник е во неколку меѓународни проекти и експертски комисии за истражувања врзани за религиозните права и слободи на човекот во демократските општества, веронауката во образованието, историјата на македонската духовна култура и црковната книжевност.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН