ВОСТОЛИЧУВАЊЕ НА Г. КИРИЛ ЗА ПРВ МИТРОПОЛИТ НА АМЕРИКАНСКО-КАНАДСКО-МАКЕДОНСКАТА ЕПАРХИЈА (13)

ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА

Во Монографија за „Митрополитот Кирил“, издание на Полошко – кумановска епархија и на „Македонска  искра“, Скопје, 2007, на 342 страници, на македонски и на англиски јазик, на авторот на овие редови се вели дека митрополитот Кирил (Никола Поповски) е роден на 23 јуни 1934 година во Царев Двор, место кое е ни село ни град. Основното образование го завршува во родното место, а Богословија во Призрен. На Благовештение, 7 април 1964 година, Никола се замонашува во манастирот “Раѓање на Пресвета Богородица” кај Кичево, и со радост го примил името на македонскиот рамноапостол Кирил Солунски. Притоа, од страна на Неговото блаженство, архиепископот г.г. Доситеј, е ракоположен во чин ероѓакон, а само по кратко време  и унапреден во архиѓаконски чин.

Во тоа својство пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил го придружува архиепископот г.г. Доситеј при посетата на САД и Канада, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски.

На 5 јули 1967 година е избран за викарен епископ со титула тивериополски од страна на Светиот архиерејски синод на МПЦ и станува негов најмлад член. По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули истата година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на апостолите свети Петар и свети Павле, е извршено наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, ќе биде хиротонисан за викарен епископ тивериополски.

Во 1968 година ја реализира првата визитација на северноамерикан­скиот континент како надлежен архиереј на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата “Свети Ѓорѓи” во градот Сираќуз, во државата Њујорк.

Митрополитот г. Кирил во текот на наредните повеќе од две децении ќе одигра голема духовно национална улога, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. На тој начин е спречена натамошната асимилација и денационализација на македонскиот православен народ на тие американски простори.

На 10 август 1969 година, во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” – во Торонто, со величествени свечености е извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија од страна на Неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. Кога во 1971 година, во МПЦ ќе биде востановена и Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил ќе биде избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ. Неговото архипастирствување со оваа Епархија е крунисано со најголем успех преку возвеличувањето на Шар Планина, со изградбата на манастирот посветен на “Свети Наум Охридски Чудотворец”, на надморска височина од околу 1000 метра.

Под неговото архипастирско раководство во двете епархии ќе бидат изградени, реновирани и преуредени преку стотина храмови на МПЦ. Меѓутоа, црковно-духовните и националните постигања, особено на планот на обединувањето на Македонците, од сите делови на етничка Македонија, кои живеат и работат во прекуокеанските земји, се од непроценливо значење. Сите тие резултати ќе придонесат г. Кирил во 1972 година да биде поставен за претседател на Одборот за изградба на Соборниот архиепископски храм “Свети Климент Охридски” во Скопје, изградба на 25 станови во Тетово и Куманово и за претседател на Одборот за извршување на првото мироварение по возобновувањето на автокефалноста на Македонската света црква.

Од 1996 година митрополитот Кирил ќе биде претседател на Хуманитарната организација “Милосрдие” при МПЦ, која за негово време имаше обезбедено храна, лекови, медицински помагала, разни апарати и друга помош во вредност од десетина милиони евра. Помошта се распределува на најбедните, гладните, изнемоштените, на селски и други помали амбуланти, деловни центри и асоцијации во Република Македонија на кои им е најпотребна. “Милосрдие” најголемиот хуманитарен дострел го потврди во војната во Република Македонија 2001-2002 година, кога помошта за загрозеното население значеше елементарен опстанок.

Извонредните резултати ќе го поттикнат третиот поглавар на автокефалната Македонска православна црква, архиепископот охридски и македонски г.г. Гаврил, во една пригода на авторот на овој текст да му изјави дека  “… она што го работи владиката Кирил е света работа”. Тоа ќе го потврди и четвртиот поглавар на МПЦ, архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил.

Митрополитот господин Кирил целиот свој живот го посвети на духовно-црковното, националното, културното, односно на сестраното единство на македонскиот народ во Татковината, и во дијаспората. Американските, канадските и австралиските власти, следејќи ги и согледувајќи ги големите успеси на нашите сонародници, предводени од нивниот митрополит г. Кирил, кој заедно со своето свештенство, секогаш ги ориентираше како Македонци да бидат лојални граѓани на тие држави, уште повеќе ќе ги удостојат со признанија и почит, а  ќе ги засакаат и ќе го возвишат Македонците. Тоа ќе биде потврдено и со прогласувањето на Митрополитот г. Кирил за почесен граѓанин на повеќе градови во САД, Канада и Австралија, што е извршено со одлука на тамошните градски совети и нивните градоначалници.

Митрополитот Кирил како надлежен на Полошко-кумановската епархија почина на 79-годишна возраст на 11 јуни 2013 година. Тој  си отиде без најава, без да речеш збогум. Притоа, поглаварот на МПЦ, архиепископот Стефан, пред државниот врв, свештен-ството и верниците се збогуваше од упокениот митрополит Кирил, при што рече:

„Кога се зборува за владиката Кирил, тоа знчи истрајна борба за единството на Македонската православна црква, кога се зборува за владиката Кирил, тоа значи влог во националниот и црковен идентет”, истакна архиепископот Стефан на опелото кое се одржува во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје.

Владиката Кирил, по негова желба оставена кај авторот на овие редови како негов биограф беше погребан во манастирот „Свети Ѓорѓи” во кумановско Дељадровце. По неговата смрт со Полошко-кумановската епархија управува архиепископот г.г. Стефан, со помош на викарниот епископ Јосиф Лешочки.

Владиката Кирил беше последниот жив митрополит што присуствувал на собирот на македонските архиереи во 1967 година, кога е возобновена автономијата на Македонската православна црква.

Продолжува

1slavek4 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *