Рама: Албанија следната година ќе биде домаќин на Самитот на Европската политичка заедница, во 2027 на Самитот на НАТО

Албанскиот премиер Еди Рама денеска најави дека Албанија во наредните години ќе организира два важни настани, оценувајќи дека неговата земја „станала референтна точка во надворешната политика“.

-Следната година ќе бидеме земјата која ќе биде домаќин на лидерите на 44 европски држави, од Велика Британија, Украина или Шведска, на Самитот на Европската политичка заедница. Исто така, ќе бидеме домаќини на Самитот на НАТО во 2027 година. Тоа се работи кои не можеше ни да се замислат пред години. На Албанија да ѝ се доверат такви улоги, рече Рама на отворањето на годишната конференција на албанските амбасадори во Тирана.

Тој додаде дека веќе подолго време Албанија не е статична во позиционирањето и пристапот кон меѓународните односи.

-Факт е дека како резултат на постојаниот динамичен однос и дејствување она што до пред неколку години, беше незамисливо, Албанија презеде низа многу важни одговорности на меѓународната сцена, почнувајќи од лидерството на Берлинскиот процес каде што постигнавме некои значајни резултати во функција на новиот План за раст, рече Рама.

Меѓу другото тој ја истакна и улогата на Албанија во Советот за безбедност на Обединетите нации, како земја која промовира мир и безбедност.

-Овде сметам дека е важно да посочам пример за да покажам колку е важна проактивната улога на амбасадорите. Примерот на нашиот амбасадор во Обединетите нации, кој сега работи како амбасадор во Брисел, за да ја олесни целата извонредна интеракција што ја имаме со Брисел. Благодарение на неговото раководство, Албанија стекна голема почит, создаде голема доверба и несомнено доби престиж што го немаше досега, посочи Рама.

Според него „кога Албанија се споменува во ходниците, канцелариите или аудиториумите на меѓународната политика, нејзиното име има поинаков звук“, а со реформите и залагањата во „ мај 2030 да бидеме подготвени да седнеме на масата на ЕУ“.

-Добро знаеме дека 2030 година треба да не најде во целосна подготвеност да седнеме на масата на ЕУ како рамноправни членови на европското семејство. Ова е наша должност. Добро знаеме дека седењето на таа маса е процес на исполнување на сите критериуми и задачи, тоа е и процес на политичко одлучување, но она што ни припаѓа и политички и технички е 100 отсто јасно. Не е лесно, но мора да бидеме подготвени, рече Рама.

Поради оваа причина, премиерот побара „албанскиот дипломатски кор да се издигне на ново ниво“.