ЏОН (ЛАЗО БИТОВ – ЕДЕН ОД ГОЛЕМИТЕ БИЗНИСМЕНИ ВО КАНАДА (8)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Џон (Лазо) Битов беше истакнат канадски бизнисмен со македонско потекло, роден во Торонто, а неговите корени беа од селото Габреш, Костурско. Тој беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ги сакаше и Канада и Македонија и со зборови и со дела. Џон беше добитник на највисокото граѓанско признание на Канада „Канадски орден“, а во Македонија беше одликуван со орденот „8 Септември“.

Неговата силна волја направила од него успешен бизнисмен. Џон започна со работа како помошник на татко му, кој имаше мала месарница во централниот дел на Торонто. Во 1949 година, на возраст од 21 година го отворил својот прв ресторан на „Авењу роуд“ кој прераснал во ланец ресторани и сето тоа понатаму довело до уште поуспешни претприемачки потфати, вклучувајќи го и создавањето на најголемата компанија за храна и кејтеринг во Канада која ги опслужувала најголемите стадиони, болници и аеродроми. Затоа е забележано дека Џон Битов Постариот, бидејќи има син по име Џон Битов Јуниор, беше еден од најуспешните бизнисмени со македонско потекло не само во Канада туку и во целиот свет.

Џон Битов е роден во источниот дел на Торонто во 1928 година. Татко му Никола и мајка му Вана се доселиле во Канада во 1919 од селото Габреш, Костурско, во Егејска Македонија. Неговите родите кој биле познати и признати во македонската колонија му обезбедиле да има среќно детство и да се школувал во демократска Канада. 

Меѓутоа, растењето во семејство кое ги носело трагите од прогонството и голем број страдања, внело во Џон Битов чувство на патриотство за Македонија и длабока љубов за македонскиот народ. Оваа љубов станала движечка сила која го натерала Џон да го посвети својот живот не само на канадското општество, туку неговите верувања беа да помогне и на Македонија и Македонците ширум светот.

Џон Битов покажувал енергија и ентузијазам уште како млад човек, што го мотивирале низ животот. Тој бил вклучен во многу активности во канадското општество во организирање на спортски клубови и собирање парични средства за различни центри. Како и многу други канадски момчиња, Џон бил пасиониран играч на хокеј, бил врвен спортист и играл во многу градски и федерални тимови во хокеј, бејзбол и фудбал

Инаку семејството Битов припаѓаше на постарата генерација во Канада и, немајќи македонски православни цркви семејно ги помагале и биле членови и поврзани со МПО (Македонска патриотска организација) и со Бугарско-македонската православна црква „Свети Кирил и Методи“ во која Џон се  регистрирал со Доца, како и во црквата „Света Тројца“ во Торонто во која биле активни неговите родители и семејството. Џон и неговите родители донирале средства за МПО и за црквите кои, за жал, биле под јуриздикција на Бугарската православна црква, а биле изградени со средства на Македонци, особено од егејскиот дел на Македонија.

Меѓутоа, по осамостојувањето на Македонија, Џон Битов даде прилог, меѓу другото, за изградба на Македонските православни цркви „Пресвета Богородица“ во Кембриџ и „Св Илија“ во Мисисага, како и на другите македонски организации во Канада и САД.

Џон Битов се оженил со неговата американско-македонска сопруга Доца во 1949. Тие биле заедно 67 години се‘ до неговата смрт. Џон и Доца Битови го основаа „Канадско-македонското место“ – Старскиот дом, во 1978 година. Тоа е пензионерски дом за над 100 Канаѓани, особено со македонско потекло. Оваа институција ја организира една од најстарите македонски манифестации во Канада – „Македонскиот голф турнир“, кој првпат се одржал во 1942 година.

Во еден разговор во Флорида Џон Битов го информира авторот на овие редови, Славе Катин дека тој и неговата сопруга биле длабоко погодени од судбината на „децата бегалци“ од крајот на Втората светска војна. Двајцата имаа роднини помеѓу 30-те илјади македонски деца кои беа прогонети од Македонија во земјите на Источно-европскиот блок, за да ја избегнат смртта и малтретирањето во нивната родна земји Беломорска Македонија.

Биснисот е чуден космос, велат деловните луѓе. Тоа е случајот со Џон Битов, кој во раните 60-ти, ги проширил своите интереси на бизнисот со опрема за хотели. Преку неговата фирма развил финансирање и во повеќе случаи опремил голем број ресторани на пошироката територија на Торонто и низ Канада. Потоа Џон направил бум во клубовите организирајќи вечера што му овозможило да поседува 32 ресторани.

На почетокот на 80-те години Џон Битов бил вклучен во истражувањата и развојот на резервите за нафта и гас во јужен Тексас. Во 1983 година, пак, тој и неговите деца ја основаа компанијата „Јорк сити квалити фудс“ која ги доби тендерите за концесија за снабдување со храна и пијалоци на меѓународниот аеродром „Пирсон“ во Торонто. И денес оваа корпорацијата ги контролира концесиите на сите три терминали.

Со осамостојувањто на Република Македонија, Џон Битов, упорно работеше за поддршка на развојот и за напредокот на државата како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада. Затоа, кога се прославуваше 20 години од независноста, Џон Битов беше одликуван од претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов со орденот „8 Септември”.

Посебно треба а се нагласи дека во 1991 година Џон Битов ја организираше и ја поддржа финансиски меѓународната кампања за признавање на Република Македонија како независна држава од страна на водечките светски сили. Тој се гордееше со тоа што Македонија ја стекна својата независност по мирен пат.

Бизнисменот Џон Битов ја зачна идејата дека во дијаспората на Македонците треба да има организација што ќе ја водат професионалци, која ќе работи во полза на економскиот развој на Македонија. Ова резултираше со основањето на „Македонија 2025“ од страна на неговиот син Џон И. Битов (Помладиот), Мајк Зафировски и други видни членови на дијаспората. Организацијата прерасна во најважен состав на македонски професионаци од целиот свет кои помагаат Македонија да се подобрува и да напреднува на економски план. Џон Битов со гордост ја исполнуваше улогата на почесен член на „Македонија 2025“.

Џон Битов почина на 31 јули 2015 година. По тој повод претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов упати писмо со сочувство до Џон И. Битов Помладиот, по повод смртта на канадскиот стопанственик со македонско потекло, во која, меѓу другото се вели: Џон Битов беше голем македонски родољуб и филантроп, кој ја сакаше Македонија и со зборови и со дела. Тој даде пример за тоа како треба да се промовира вистината за Македонија и како треба да се негуваат македонското име, идентитет и вредности. Во таа смисла, тој беше уверен дека никој не може да ни ја одземе „нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците“.

Продолжува

1slavek4 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН