Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска во Охрид ги прими генерал-мајор Грегори Најт, командант на Националната гарда на Вермонт и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс, со кои разговарала за севкупната соработка на нашата држава со Националната гарда на Вермонт, како важен дел од стратешкото партнерство со САД и континуирана поддршка што САД од почетокот на независноста ја дава за евроатлантските интеграции на нашата држава, нејзиниот демократски развој, безбедност и стабилност.

Како што информираат од нејзиниот кабинет, претседателката Сиљановска Давкова изразила благодарност за поддршката на проектите за модернизација и опремување на Армијата и ја истакнала важната улога што Националната гарда на Вермонт ја имала за исполнување на стандардите на НАТО и влезот на државата во Алијансата.
-Претседателката Сиљановска Давкова ги поздрави намерите за натамошно проширување на соработката со Националната гарда на Вермонт за јакнење на нашите капацитети во одбраната и безбедноста, се вели во дененшното соопштение.

На средбата се разговарало за соработката во рамки на НАТО алијансата и за состојбите во поширокиот регион, во контекст на руската агресија на Украина. Претседателката Сиљановска Давкова ја реафирмирала посветеноста на државата да придонесува, согласно можностите и капацитетите во справувањето со заедничките закани.