Мицкоски: ДУИ се претворија во сериозен фактор за дестабилизација, како држава сме подготвени да одговориме на секое сценарио

Кога е ДУИ во опозиција тогаш ќе имаме паралелизам, и тоа не е добро. Жалам што се претворија во сериозен фактор за дестабилизирање на регионот и Македонија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

-За ДУИ Рамковниот договор во Македонија е завршен кога е Влада, кога се купуваат трговски центри кога се билда возен парк од милиони евра кога се наталожува капитал од милиони, кога се интеревенира за се и сешто. Кога е ДУИ во опозиција тогаш ќе имаме паралелизам, надвор од институциите рефлектирање на одредени позиции и тоа не е добро. Жалам што се претворија во сериозен фактор за дестабилизирање на регионот и Македонија. Жалам и можам да заклучам дека тие можат да бидат само фактор на стабилизација кога ги уживаат привилегиите црпејќи го буџетот кој што го полнат граѓаните. Затоа што ваквото однесување со паралалелизам не е зрело однесување. Но, тоа е нивна одлука, ако тие мислат дека на тој начин ќе привлечат внимание, ако мене ме прашаат за совет, ќе кажам дека погрешно прават. Но тоа е нивна работа. Мислам дека ова време треба да го поминат во опозиција, кадровски и програмски да се освежат за да можат да бидат конкурентни на следните избори, рече Мицкоски запрашан за коментар за паралелното одбележување на 23 години Рамковен договор од страна на ДУИ, по увидот на градежни активности за доградба и надоградба на детската градинка Срничка на објектот Изворче во Општина Аеродром.

Мицкоски рече дека располагаат со дополнителни информции околу планот на ДУИ со кој сакаат да ја доведат државата до дестабилизација.

-Па има дополнително. Одѕивот кој што е на терен, од тоа што ние го имамаме како информација, е многу лош, кактастрофално лош, бидејќи граѓаните се свесни дека поединци кои што заговараат таков тип сценарија од голтари во политиката станаа милионери и сфаќаат дека тие не се кредибилни за да можат да ги анимираат граѓаните за да излезат на таков тип на протести. Бидејќи тие сакаат да го штитат капиталот кој што го стекнале во овие 20 години, не дека навистина имаат некаква реална потреба од такво нешто. Од друга страна, исто така, доаѓаат информации дека се обидуваат да анимираат критична маса во соседството која би ги поддржала на тие протести. Но, секој протест кој што е демократски, мирен е добредојден, затоа што ние не можеме да бидеме позитивни за сите, не можеме за луѓе кои изгубиле позиции на власт, на моќ, кои акумулирале огромен капитал да бидеме добри за нив, бидејќи се бориме против таквите. Против политички криминалци и измамници се бориме, исто како и против сите криминалци бидејќи мора да има правна држава и мора да владее правото, рече премиерот Мицкоски.

Тој при тоа нагласи дека доколку има насилство, државата и институциите се подготвени да одговорат соодветно и да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на државата.

-Тоа е наша обврска и тоа ќе го сториме. Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија. Нивната сметка, што јавна што тајна, е со повеќе од седум цифри во евра и нормално дека сакаат таа сметка да ја заштитат со манипулирање со чувствата на граѓаните. Но јас верувам во моите сограѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми дека ние сите сакаме да живееме во една мирна заедничка просперитена татковина и да ги поддржуваме политиките кои носат просперитет, а не политиките кои носат криминалитет, вели премиерот Мицкоски.