ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „40. ПОКЛОНЕНИЕ ПРЕД ГРОБОТ НА СВ. КЛИМЕНТ ФИЛОЗОФ ВО РИМ“ ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА – АНТИЌ, СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН И ВИКАРНИОТ ЕПИСКОП ХЕРАКЛЕЈСКИ КЛИМЕНТ
Високодостојникот на Римокатоличката црква кардиналот Паул Пупар со одбрани зборови се осврна и на екуменското значение наизложбата, завршувајќи го своето обраќање до пристутните со следнивезборови:
– Ова изложба е, исто така, еден културен чин на зближување на народите и државите, како и на луѓето со различни идеолошки хоризонти. Во името на Понтификалниот совет за култура, а една од неговите задачи е плодниот дијалог меѓу културите, јас ја изразувам сета моја радост за оваа уметничка манифестација со убеденоста дека таа ќе создаде едно проширување на културните хоризонти и исклучително збогатување, човечко и духовно за сите што учествуваат во неа. На сите творци на оваа исклучителна изложба им се упатени мојата жива благодарност и длабока восхит.
На крајот од оваа прекрасна свеченост, од тоа инаугурирање на македонските икони во ризницата на светското уметничко богатство во средина и место каде што тој чин добива највисок легитимитет, зборуваше директорот на Дирекцијата на Ватиканските музеи, проф. Карло Пјетранџели.
На Денот на свети Кирил и Методиј, 24 мај, главните свечености се одржаа во базиликата „Свети Климент” во Рим пред гробот на свети Кирил. Притоа, митрополитот австралиски г. Тимотеј одржа молебен на којшто учестуваа хорот на просветните работници „Свети Кирил и Методиј” од Скопје со диригентот Тоде Радевски и октетот „Русикум”, од Рим, а во присуство на југословенските амбасадори при Светата столица и при Република Италија – Штефан Цигој и Анте Скатерлетко, и културната делегација на чело со академик Матеја Матевски. Пред одржувањето на молебенот беа положени венци во името на културната делегација и на амбасадорите.
„Денес на молебенот во катедралата „Сан Клементе” присуствуваше и мноштво народ кој веќе беше во катедралата и со внимание го следеше оддавањето почит и благодарност кон солунските браќа свети Климент и свети Методиј, што претставува континуирано оддавање благодарност на свети Кирил и свети Методиј во прославувањето на нивните светителски ликови” – истакна митрополитот Тимотеј во својата беседа над Кириловиот гроб, додавајќи дека ова, истовремено, е и „наша голема и трајна благодарност на свети Климент Охридски, зошто се што го красеше свети Климент научи од своите учители”.
Натаму, митрополитот Тимотеј нагласи: „Во овој скромен вид на манифестирање на нашата благодарност како кон свети Кирил, така и кон свети Климент Охридски, ние како самостојна црква и како народ конституиран во македонска држава, во братска заедница на рамноправни народи и народности, Социјалистичка Југославија, уште повеќе ја чувствуваме потребата од оживување на делото на светите браќа, како и на свети Климент Охридски”.
Во текот на еднонеделниот престој делегацијата на Македонската православна црква имаше разговори во Секретаријатот за единство на христијанските цркви и во Ориенталниот институт, а ја посети и Марјанската академија.
Со целовечерниот концерт на хорот на просветните работници „Кирил и Методиј” од Скопје, што се одржа во црквата „Сан Ангело”, заврши програмскито дел на манифестацијата „Во чест на свети Кирил”, која сепак останува да трае со изложбата на икони од Македонија од IX до XVII век што во присуство на голем број културни и политички работници на Ватикан и Рим беше отворена во просториите на Ватиканските музеи, која остана таму до 29 јуни.
Во текот на манифестацијата, државната делегација имаше срдечна средба и отворени разговори со министерот за надворешни работи на Ватикан г. Силвестрини. Притоа, од страна на шефот на делегацијата академик Матеја Матевски беше изразена благодарност за прифаќањето на изложбата на иконите и беа подвлечени добрите меѓусебни односи на Југославија и Ватикан.
На планот на односите со СР Македонија, беше изразена желбата да ѝ се излезе во пресрет на Македонската православна црква да добие дел од моштите на свети Кирил за осветување на Македонската соборна црква. Тоа не е само религиозен однос и црковен чин, туку и израз на пиететот што го има македонскиот народ кон основоположниците на словенската и македонската писменост и култура.
Кардиналот Силвестрини изрази задоволство од средбата и благодарност за приредувањето на изложбата, при што подвлече дека Ватиканските музеи не примиле досега изложба од ниедна земја и дека овој „преседан” е направен од највисоко место во Ватикан (т.е. папата) поради нивната голема вредност, а и со оглед на традиционалното чествување на свети Кирил во Рим.
Теракотна икона од Виница
Во сличен дух и атмосфера дојде до средба и разговори со кардиналот П. Пупар, министер на културата и П. Пјетранџели, директор на Ватиканските музеи, на ручекот приреден од амбасадорот на Југославија при Светата столица, Ш. Цигој за високи ватикански функционери и двете делегации, при што содржината на разговорите беше идентична со онаа при средбите со папата и г. Силвестрини.
Културната делегација и амбасадорот во Италија, А. Скатерико, беа примени во Министерството за надворешни работи на Италија каде што се водеа разговори со амбасадорот Д’Анреа, кој од италијанска страна ги води работите за реализација на одредбите на Осимските спогодби. Шефот на делегацијата академик Матеја Матевски имаше среба и со потсекретарот во Министерството за надворешни работи на Италија, г. Фјорети.
Во 1986 година беа подготвени повеќе манифестации, научни собири и изданија во чест на свети Климент Охридски. Централен настан претставуваше Меѓународниот научен собир, организиран од Македонската академија на науките и уметностите на тема: „Климент Охридски и улогата на Охридската книжевна школа во развитокот на словенската просвета”,
Симпозиумот се одржа од 25 до 27 септември 1986 година во Охрид. Претседател на Орган изациониот одобор од Македонската академија на науките и уметностите беше академикот Матеја Матевски . Симпозиумот го отвори М. Матевски, со беседа за Климент Охридски. Собирот го поздравија : претседателот на Извршниот совет на СР Македонија – Глигорие Гоговски, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите – Јордан Поп-Јорданов и претседателот на Собранието на Општина Охрид – Димитар Зарчев. Беа поднесени 40 реферати на научници од СФРЈ и од странство.
Во 1986 година основното училиште „Кирил и Методиј” од Скопје свечено го прослави јубилејот „Сто и педесет години воспитна и образовна дејност” (1836-1986). Јубилејот беше одбележан свечено, со богата приредба, на којашто учествуваа гости и претставници од воспитнообразовните институции, од Градското собрание и од Владата на Македонија.
Во 1986 година излезе од печат првото дело на авторот на овие текстови Славе Николовски – Катин под наслов An English–Macedonian Limnological Dictionary / Англиско–македонски лимнолошки лексикон, издание на Хидробиолошкиот завод во Охрид, на 206 страници на англиски и на македонски јазик.
Тој е резултат на долгогодишната работа на авторот, реализирана пред сè во Хидробиолошкиот институт (завод) во Охрид. Речникот е подготвен со цел да пополни празнина во областа на биотехничката терминологија и да биде од помош за студентите, како и на научните работници кои го користат англискиот јазик во оваа област и други природни и биотехнички науки. Покрај тоа, речникот може да биде корисен и во многу македонски и други домови како потсетник, прирачник и јазична помош.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН