Муцунски – Шаленберг: Заемни заложби за унапредување на одличните односи и интензивирање на економската и бизнис соработката

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски денеска, престојува во прва работна посета на Австрија, во чии рамки оствари средба со сојузниот министер за европски и надворешни работи, Александер Шаленберг.

Во фокусот на разговорите, како што соопшти МНР, биле одличните билатерални односи и високото ниво на политичка и економска соработка. На средбата, се посочува, министрите ја поздравија развиената секторска соработка со заемни заложби за отворање нови поглавја за унапредување на релациите во полињата кои се од интерес на двете страни.  Во тој контекст, Муцунски иницирал засилување на културната соработка што ќе придонесе за промоција и подигнување на видливоста на Северна Македонија. 

Посебен фокус бил ставен на економската соработка, со акцент на странските инвестиции. Во таа насока министерот Муцунски ги споменал растечките заложби на новата влада, за создавање позитивна бизнис клима и креирање услови за привлекување нови странски инвестиции.

-Австрија е наш најголем инвеститор, долгогодишен и докажан партнер во полето на економијата. Посветени сме на понатамошно поттикнување и привлекување нови австриски инвестиции, каде веќе бележиме континуиран позитивен тренд. Продлабочувањето на економските и трговски врски дополнително ќе ја зајакнат одличната соработка и на политички план, истакнал Муцунски.

Воедно, министерот го реафримирал нашиот стремеж за искористување на добрите трговски практики на австриската Федерална економска комора за промоција на трговија, со активирање на канцеларијата во Скопје, која би послужила како катализатор на севкупната билатерална трговска размена, а исто така ќе поттикне инвестициски бран и ќе го подобри усогласувањето и постигнувањето на инвестициските цели како и  промовирање на одржливи, долгорочни придобивки за двете земји.

Министерот Шаленберг, се додава, понатаму, изразил задоволство од одличните билатерални односи, истакнувајќи дека Северна Македонија има широко отворени врати за економска и културна соработка. Дополнително изразил силна поддршка за земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси.

Соговорниците ја потенцирале и клучната улога на Австрија во регионот на Западниот Балкан и нејзината континуирана поддршка на процесот на интеграција на нашата земја во Европската унија, како билатерално, така и преку регионалните инструменти како што е групата “Пријатели на Западен Балкан“, трилатералната иницијатива на Славков формaт, Централната европска група Ц-5, а во чии рамки Австрија е водечка земја.

-Високо ја цениме силната австриска поддршка за евроинтегративниот процес на нашата земја и регионот како целина. Владата веќе посветено работи на реформските процеси кои несомнено ќе резултираат со напредок на овој пат. Нашето членство во Европската унија нема алтернатива и оттука потребен ни е проактивен пристап во делот на евроинтеграцијата, што ќе ја направи земјава фактор за стабилност во регионот, порачал Муцунски, стои во соопштението.