Ципрас: ЕУ и меѓународната заедница јасно да ги кажат последиците од непочитувањето на Договорот од Преспа

ЕУ и меѓународната заедница треба јасно да ги стават на знаење последиците што непочитувањето на Договорот ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Северна Македонија, истакнал поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас за време на Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас вчера претседаваше во Стразбур со Комитетот, а според информациите од Грција, фокусот бил ставен на важноста на Договорот од Преспа за мирот, стабилноста и европската перспектива на Западен Балкан, особено во време на големи предизвици во регионот.

На состанокот улествувал и поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу., а посебна покана за учество добиле професорите Константинос Филис од Грција и Кристијан Фидановски од Северна Македонија. 

Папандреу истакнал дека сè додека регионот е ранлив на националистички конфронтации, ќе бара заштитници и ќе тоне во нестабилност и нови конфликти, а наспроти тоа дека е потребно сите да го почитуваат принципот на добрососедство, на посветеност на демократските принципи, на почитување на човековите права и владеењето на правото и паралелно ја истакнал важноста на Договорот од Преспа за иднината на Западен Балкан и регионалната соработка.

Професорот Фидановски, како и сите членови на Комисијата кои зеле збор, според истите информации, се фокусирале на потребата од верно почитување на Договорот од новата Влада на соседната земја.

Грчкиот професор Филис ја истакнал потребата да се развие европска мапа за Западен Балкан и да се нагласи враќањето на довербата меѓу ЕУ и општествата од земјите од регионот и додал дека патот кон Европа го покажуваат Договорот од Преспа на Ципрас и Заев од 2018 година и Солунската агенда промовирана од Јоргос Папандреу во 2003 година.

На крајот од состанокот, претседавачот со Комитетот Алексис Ципрас подвлекол дека треба да се води активна борбата против национализмот и дестабилизацијата во регионот, а тоа, според него, пред сè значи поддршка на Договорот од Преспа и динамична дипломатска улога на ЕУ на Западен Балкан пред целосно да го загуби својот кредибилитет и дополнително укажал на потребата меѓународната заедница, а особено ЕУ, јасно да ги разјаснат последиците што непочитувањето на Договорот ќе ги има врз регионот, а особено врз иднината на Северна Македонија.