Министерот Муцунски во Брисел на средби со Столтенберг и со претставници на ЕУ 

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе престојува во прва работна посета Брисел по неговото стапување на функцијата. 

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, за време на посетата на Брисел предвидено е Муцински во седиштето на НАТО да се сретне со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, а потоа да има и средби со високи претставници на Европската Унија.  

Вчера Муцунски учествуваше на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК) заедно со шефовите на дипломатиите на земјите членки на Унијата и државите од Западниот Балкан во делот во кој се дискутираше за евроинтегративните процеси на земјите од регионот, како и за модалитетите за зајакнување на соработката и присуството на ЕУ во нив.  

Муцински, кому вчера му беше прв работен ден на ова функција, од Луксембург порача дека новата Влада ќе биде силно фокусирана на евроинтеграциите на земјата и на спроведувањето на реформите. 

Тој изјави дека дошол во Луксембург за да се сретне со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и заедно со своите колеги од Западен Балкан да потврди колку е важен процесот на европската интеграција за стабилноста на регионот. 

– Ќе разговараме со колегите од земјите членки на Европската Унија за тоа што може ЕУ да направи за регионот и за важноста на Планот за раст за Западниот Балкан, кој ќе има сериозни позитивни фискални импликации за Западниот Балкан. Веруваме дека ова е еден од форумите преку кои можеме заеднички да го забрзаме напредокот на целиот регион кон полноправно членство во ЕУ, истакна Муцунски. 

Тој додаде дека земјава сака да напредува кон полноправно членство во ЕУ врз основа на вредностите и критериумите што ги бара самата ЕУ и дека смета оти процесот на европските интеграции не треба да биде оптоварен со билатерални спорови. 

Во обраќањето на Советот, пак, Муцунски истакна дека цврсто верува оти проширувањето на ЕУ е еден од најуспешните мировни проекти на европскиот континент што придонесува во градењето отпорни општества.  

– Јасно е дека членството на земјите од Западен Балкан во Унијата претставува т.н. геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на континентот како целина, истакна Муцунски.  

Во контекст на актуелните светски случувања, Муцунски нагласи дека воената агресија на Руската Федерација против Украина е најитниот и најголемиот предизвик на европскиот континент, но и пошироко.   

Според него, овој конфликт има големо негативно влијание и врз земјите од Западниот Балкан, што потенцијално отвора зона за можна дестабилизација на регионот.  

 – Нашата земја го задржува својот принципиелен став во однос на Украина кој го има заземено уште од првиот ден на почетокот на војната, осудувајќи ја бруталната агресија на Русија, како и давајќи недвосмислена поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, истакна Муцунски.  

Според него, земјава е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучувајќи ги и сите рестриктивни мерки воведени од страна на ЕУ кон Русија, а во исто време и дава политичка, хуманитарна и воена поддршка на Украина.

Шефот на дипломатијата присуствуваше и на аудиенција кај луксембуршкиот голем војвода Анри, а на покана на заменик премиерот и министер за надворешни работи и надворешна трговија на Луксембург, Ксавие Бетел и на работна вечера со министрите за надворешни работи од членките на ЕУ и земјите од Западен Балкан.