Избрана новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски (ДПЛ)

Собранието вечерва со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски. Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши.  Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација. 

Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава. 

– Функцијата претседател на Владата ќе ја вршам совесно и одговорно и ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија, кажа новиот премиер Мицкоски. 

Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.  

На оваа седница свечена изјава даде и потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски.

Претседателот на Собранието Африм Гаши информираше дека до Државната изборна комисија ќе биде испратено известување колкумина пратеници станале дел од Влада за на нивно место да бидат делегирани други од соодветните листи за пратеници.