Мицкоски на одбележување на годишнината од создавањето на ВМРО-ДПМНЕ: Партијата е обединета, силна и останува партија на народот

ВМРО-ДПМНЕ е обединета, силна и останува она што била отсекогаш-партија на народот. Партија која му припаѓа на членството затоа што ВМРО-ДПМНЕ не се овие костуми и вратоврски кои ги носиме, ниту просториите кои ги имаме, туку духот и жарот на оние браќа и сестри по комитетите, месните штабови, и народот кој не пратеше и поддржуваше по улиците. Тој непрегор и вулкан на душата и умот, кој со голема енергија и љубов се бореше Македонија да ја вратиме кај народот и да биде повторно наша заедничка и единствена, и тоа е битка која сега зависи само од нас, и стремеж во кој ние немаме опција да не успееме, истакна денеска претседателот на партијата и мандатар Христијан Мицкоски на одбележувањето на 34-годишнината од основањето на партијата.  

-Библијата вели со каква мера судиш, со таква ќе ти биде судено. А на историските факти и околности треба да се гледа со објективна разумност, и без субјективни вреднувања на настаните. Јас како сегашен лидер сум застапник на тезата дека ниту еден фрлен камен наназад не ја создава иднината нанапред. И во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ имала многу светли моменти, брилијантни чекори овие 34 години кои не направиле горди, ни го зајакнувале чувството на достоинство и гордост, но исто имало и моменти кога се грешело, кога се имало политики кои не секогаш биле разбрани на правилниот начин или биле толерирани поединци кои нанесувале штета, но како актуелен претседател ќе се однесувам со еднаква почит кон секој претходен претседател на ВМРО-ДПМНЕ и кон Љубчо Георгиевски и кон Никола Груевски, без оглед на тоа колку се далечни или блиски нивните ставови со она што е ВМРО-ДПМНЕ денес, најважно е што ВМРО-ДПМНЕ обединета, силна и останува она што била отсекогаш-партија на народот, рече Мицкоски честитајќи го роденденот на партијата.

Пред функционерите и членовите на партијата на свеченоста во Велес, рече дека нема негови фотографии во просториите на партијата, како што има на неговите претходници и дека е особено горд на она што денеска му е дадено решение за основањето на партијата од 17 јуни 1990 година.   

На денешен ден пред точно 34 години се создаде ВМРО-ДПМНЕ, потсети тој, што, како што кажа Мицкоски, не беше само природен порив на македонскиот народ за автентично политичко организирање во зората на распаѓањето на Југославија и потребата за осамостојување на Македонија, туку ВМРО-ДПМНЕ беше и природен порив на многу македонски семејства кои страдаа, беа подложни на прогон во комунистичкиот режим, но секогаш сонуваа и се бореа за своја независна држава, на тој начин сочувувајќи го огнот на историското ВМРО за своја држава, за слобода, за свои институции, знаме химна, банкноти, за татковина која е вистински дом, или со други зборови, конечно, по столетната битка, да се биде свој на своето.

– ВМРО-ДПМНЕ е концепирано како сублимат на таа битка за слобода и верување во идејата за Македонија. Затоа сите наши расправи, дебати и размена на ставови низ историјата биле толку бурни исполнети со јавни дебати, емоции и верувања. ВМРО-ДПМНЕ имала и свои блескави моменти, и моменти на сериозни искушенија но никогаш во минатото, сега или во иднината не смее и нема да се случи да отстапи од идејата за Македонија, рече Мицкоски.

Според него, не треба да се заборават „позициите и идеолошките разлики меѓу македонската левица која во тоа време се уште сонуваше за распадната Југославија и бараше продолжување на сојузот на држави за кои беше јасно дека е клинички мртов, и македонската десница претставена и организирана од ВМРО-ДПМНЕ која бараше самостојност и чиста независност“.

– 17 јуни е датумот кога ВМРО-ДПМНЕ го почна обновениот живот и на историското ВМРО како прирореден наследник на идеалите кои оваа организација веќе точно 131 година ги носи од нејзиното основање во 1893-тата година, рече нејзиниот претседател.

Во историски контекст, додаде Мицкоски, мисијата која ја носи ВМРО-ДПМНЕ е и помирување и обезбедување на единство на сите различи групи и страни со цел да се постигне единство, но тоа никогаш „не значи и заборавање на ударите кои беа дадени од левицата кон супстратот на македонското ткиво за своја држава, тие голи отоци, прислушкувања, следења, досијеа, жигосувања и брутална пресметка со македонската интелигенција каква што никогаш десницата не се однесувала така неодговорно кон нашите национални и државни интереси и никогаш не посегнала кон разградување на идентитетскиот код“.  

Изрази, како што кажа, длабока почит и голем поклон кон сите кои страдаа и беа репресирани поради јасните чуства и патриотската определба да се сака и да се борат за Македонија. -Нивните наследници и потомци треба да знаат дека ја имаат мојата почит и признанието од ВМРО-ДПМНЕ за влогот и жртвата која нивните блиски ја направија за идејата од која се роди Македонија, рече Мицкоски.

Воедно, ВМРО-ДПМНЕ, рече тој, беше активната страна која учествуваше во создавањето на Републиката.