Билатералните односи се пријателски, без отворени прашања, со континуиран политички дијалог и конструктивна соработка, оцениле во телефонски разговор претседателката Гордана Сиљановска Давкова и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Во разговорот, како што соопшти Кабинетот на претседателката, била потврдена посветеноста на двете држави за продлабочување на традиционалното партнерство, како и јакнење на регионалната соработка.
Двајцата соговорници изразиле подготвеност и за продолжување на соработката во рамките на НАТО, а претседателката Сиљановска Давкова се заблагодарила за принципиелната поддршка од Хрватска на македонските евроинтеграции.
Сиљановска Давкова и Милановиќ, како што е наведено во соопштението, размениле мислења за соработката на регионален и мултилатерален план, за европските перспективи на нашата земја и состојбите во регионот.
Во разговорот станало збор и за положбата на македонската заедница во Хрватска и хрватската во Македонија, при што било оценето дека правата на малцинствата во двете земји се на високо ниво и дека постои целосна подготвеност од двете страни за нивно дополнително унапредување.