Фон дер Лајен: Мнозинството Европејци на изборите покажаа дека сакаат силна Европа 

Екстремистите од лево и од десно добија поголема поддршка на европските изборите, но партиите на центарот го задржаа мнозинството Европскиот парламент и мнозинството Европејци покажаа дека сакаат силна Европа, порача ноќва претседателката на Европската комисија и „шпиценкандидатка“ на Европската народна партија (ЕПП), Урсула фон дер Лајен. 

– Денеска е добар ден за Европската народна партија. Победивме на европските избори, истакна Фон дер Лајен пред новинарите во Европскиот парламент, заблагодарувајќи им на европските гласачи за укажаната доверба. 

Според неа, иако дел од гласачите им изразија доверба на десните и на левите екстремисти, партиите во центарот сепак го задржаа мнозинството, но таквиот резултат доаѓа со поголема одговорност. 

Како и претходно синоќа во обраќањето пред симпатизерите на ЕПП во Брисел и пред новинарите во Европарламентот, Фон дер Лајен нагласи дека Европската народна партија е „сидрото на стабилноста“ на ЕУ. 

Потенцирајќи дека сите имаат интерес за стабилност, Фон дер Лајен најави дека „од утре“ ЕПП ќе започне разговори со Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) за продолжување на изградбата на „конструктивниот и докажан однос“ 

– Мој цел е да продолжиме по истиот пат со оние кои се ориентирани проевропски, проукраински и про-владеење на правото, додаде Фон дер Лајен. 

Според неа, во услови кога светот околу нас е во немир, има „некои“ кои се обидуваат да ја ослабат Европа, но дека проевропските сили никогаш нема да дозволат тоа да се случи. 

– Овие изборни резултати покажуваат дека мнозинството Европејци сакаат силна Европа, рече Фон дер Лајен. 

Според се уште нецелосните резултати од европските избори, што се одржаа од четвртокот до денеска во 27-те земји членки на ЕУ, како што јави дописникот на МИА од Брисел, десно центристичката ЕПП освои 191 пратеничко место, пред лево центристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) со 135 европратеници.

Трета политичка сила остануваат либералите со 83 мандати, пред десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) со 71 и екстремно десничарска групација Идентитет и демократија (ИД) со 57 места. Блокот на Зелените и Европска слободна алијанса (ЕФА) освои меѓу 53 европратеници, а Левицата 35 места.     

Останатите 95 мандати во 720-члениот Европарламент им припаднаа на партиите што не се членки на ниту една европска група, меѓу кои нив се и екстремно десничарската Алтернативата за Германија (АФД), италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), национал-конзервативната и десно популистичка Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, лево популистичката и националистичка Насока-Социјална демократија (Смер-СД) на словачкиот премиерот Роберт Фицо, социјалдемократската Глас-Социјална демократија (Хлас) на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини и германската левичарска и популистичка Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ).   

Ваквите резултати ги зголемуваат шансите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која е „шпиценкандидатка“ на ЕПП, за реизбор на функцијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *