1100 – ГОДИШНИНАТА ОД СМРТТА НА СВЕТИ КИРИЛ СОЛУНСКИ (869-1969) (14)

    

1100 – ГОДИШНИНАТА ОД СМРТТА НА СВЕТИ КИРИЛ СОЛУНСКИ (869-1969) (14)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ВО ЧЕСТ НА СВЕТИТЕ КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ ОД Д-Р ВЕРА СТОЈЧЕВСКА – АНТИЌ И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

Свети Кирил и свети Методиј Солунски се родени браќа од градот Солун. Потекнуваат од угледно и богато византиско семејство, од таткото Лав и мајката Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени.

Потоа се оддалечил заминувајќи на планината Олимп и се предал на монашкиот живот. Таму подоцна му се придружил и Кирил (Константин Филозоф). Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивните мисии ги извршиле со голем успех, со цел да ги описменат словенските народи.

Константин, кој е познат со своето монашко име Кирил, за разлика од Методиј не тргнал по стапките на својот татко Лав. Тој уште од детски и ученички години својот животен пат го насочил кон совладување на наставните предмети кои подоцна му овозможиле длабоко да навлезе во тајните на повеќе научни дисциплини и да се нареди до најучените луѓе на својат епоха. Лав и Марија му овозможиле на талентираниот Константин да се школува во солунските училишта во кои учеле само децата од богатите семејства.

По завршувањето на студиите на Цариградскиот универзитет во 847 година, Константин бил задржан на служба во Цариград. Станал библиотекар на Цариградската патријаршија, извршувајќи ја истовремено и функцијата секретар на патријархот. Меѓутоа, библиотекарско-секретарската должност не му лежела на срце на младиот филозоф Константин. Уште во 847 година тој ја напуштил должноста библиотекар и се засолнил во еден од манастирите близу Цариград. Меѓутоа, византискиот царски двор не сакал да се лиши од услугите на Константин.

Тој бил наговорен да прифати да биде професор по филозофија на Цариградскиот универзитет. Константин со задоволство ја прифатил професорската служба, зашто своите сестрани знаења можел да ги пренесува на своите студенти. Истовремено можел почесто да дискутира по многу научни прашања со Лав Филозоф, Фотиј и другите учени луѓе. За кратко време Константин стекнал голема популарност кај своите студенти и цариградската учена средина. Нему му бил доделен епитетот „Филозоф“ и станал познат како Константин Филозоф. Наскоро византискиот царски двор почнал да го ангажира и во извршувањето на важни државни мисии.

Првата мисија на Константин Филозоф била извршена меѓу Словените во Македонија во првата половина на IX век. Во науката таа е позната како Брегалничка мисија, затоа што, главно, се одвивала меѓу Словените кои живееле по текот на реката Брегалница. Тие биле дел од племето Струмјани што тогаш ги управувал Методија. Константин Филозоф како мисионер требало да го помогне својот постар брат во придобивањето на немирните Струмјани на византиска страна во борба против агресивните Бугари. Повеќегодишната мисионерска дејност на Константин Филозоф меѓу Словените по текот на Брегалница била крунисана во 855 година со создавањето на словенската азбука – глаголица.
Ова епохално откритие Константин го постигнал со помошта на својот брат Методиј.

Создадената словенска азбука, која најпрво била наменета за Словените во Македонија, се состоела од 38 букви, од кои, како што запишал Црноризец Храбар, „едни биле составени по образец на грчките букви, а други, пак, според словенскиот збор“. Во почетокот генијалниот филолог Константин создал 32 букви, а потоа придодал уште 6. Тоа се случило уште додека дејствувал меѓу Словените по Брегалничката област, а особено во градот Равен, кој, исто така, лежел по течението на оваа река.

На тој начин во овој дел на Македонија Константин Филозоф заедно со својот брат Методиј ги поставиле темелите на словенската писменост. За животот и дејноста на словенските просветители најголем број податоци добиваме од делата: „Панонски легенди“, „Климентовото житие“ од Теофилакт, „Климентовото житие“ од Хоматијан и „О писменах“ од Црноризец Храбар.

Илјада и стогодишнината од смртта на Кирил Солунски беше свечено и богато одбележана во Македонија. Централното место му беше дадено на симпозиумот„Кирил Солунски”, што се одржа од 23 до 25 мај 1969 година во Скопје и Штип.

Организациониот одбор, што го формира МАНУ на 19 јуни 1968 година, го сочинуваа: Х. Поленаковиќ, Р. Угрилова-Скаловска и В. Иљоски. Се пријавија 52 учесника од сите југословенски славистички центри. Симпозиумот се одвиваше во Скопје, во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци” и во Педагошката академмја во Штип. На 25 мај беше посетен археолошкиот локалитет Баргала до Штип.

Со воведно излагање, симпозиумот го отвори претседателот на МАНУ – академикот Блаже Конески. Собирот го поздравија: претседателот на Академијата на Босна и Херцеговина Бранислав Ѓурѓев, претставникот на ЈАЗУ – Марко Костренчиќ, претседателот на САНУ – Михаило Стевановпќ и претставникот на Словенечката академија – Милко Кос.



МАНУ

Во врска со оваа свеченост, во МАНУ беше отворена изложба на словенски ракописи. Беа презентирани словенски ракописи најдени во Македонија по НОБ. Изложбата ја подготвм Архивот на Македонија, под раководството на Владимир Мошин.

Гостите на симпознумот имаа можност да ги посетат културно-историските споменици во Скопје и Штип. Поднесените реферати се објавени во двотомен зборник во 1970 година.

Инаку, во првиот том од тритомната Историја на македонскиот народ, посебно место наоѓаат периодите од доселувањето на Словените на Балканот, појавата на словенската писменост со браќата просветители и светители Кирил и Методиј и светите Климент и Наум Охридски. Покрај историскиот континуитет, во посебно поглавје своевиден третман наоѓа културната историја на овој период.

„Панонските легенди”, пак, ги содржат опширните житија на браќата словенски просветители Константин – Кирил и Методиј, што се најважни и најкомплетни извори за нивниот живот и дело, напишани на словенски јазик. Тоа е комплетно издание каде што за првпат во Македонија научно поширош, се коментираат Панонските легенди и за првпат се преведени на современ македонски јазик. Исклучително тешката и одговорна задача ја реалшираа двајца наши научни работници. Станува збор за Харалампие Поленаковиќ, добар познавач на животот и делото на св. Кирил и Методиј, и Радмила Угринова, лингвист чии потесни научни ориентации се движат во историјата на македонскиот јазик и, пошироко, во историјата на словенските јазици од средновеков-ниот период.

Книгата „Икони од Македонија“ од Коста Балабанов, Култура, Скопје 1969, претставува добродојдено издание во секоја куќа. Со опширниот предговор, со колоритните фотографии на избраните икони од Македонија, читачот ќе биде информиран за континуираната иконографска уметничка дејност во Македонија, којашто не може да се замисли без драгоцените дела посветени на светите Кирил и Методиј, Климент и Наум Охридски.

Во книгата Климент Охридски“, Македонска книга, Скопје 1969, се наоѓаат студиите за Климент Охридски од: Блаже Конески, Харалампие Поле-наковиќ, Димче Коцо, во превод на руски јазик од Борис Марков.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН