Д-Р. БОРИС СТОЈЧЕВ – ПОЗНАТ И ПОЧИТУВАН ФИЗИЧАР ВО КАНАДА И ВО СВЕТОТ (1)

ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА

Меѓу Македонците од постарата генерација во Канада, секако, значајно место му припаѓа на професор д-р Борис Стојчев (Boris Stoicheff). Тој беше еден од доблесните интелектуалци и канадски научник од македонско потекло кој остави длабоки траги во науката и образованието. Беше научник од висок ранг и затоа беше почитуван меѓу своите колеги, а особено меѓу студентите. Добитник е на голем број високи признанија, а бил член на бројни универзитетски асоцијации во Канада, како и член на Македонската академија на науките и уметностите.

Проф. д-р Борис Стојчев е роден во Битола на 1 јуни 1924 година, во времето кога Македонија беше под окупација на Стара Југославија. Тој има македонско потекло, од татко Петар и мајка Василка Стојчеви, печалбарско семејство и едно од првите напредни македонски фамилии во Торонто. Уште како дете, на седумгодишна возраст, во 1931 година, Борис заедно со родителите се преселиле во Торонто каде и станал натурализиран Канаѓанец.

Меѓутоа, неговите родители му обезбедиле редовно да го започне своето образование и тој поодамна да стане еден од образованите Македонци во новата средина. Така, по завршувањето на гимназијата, во 1943 година, во немирните времиња во Македонија се запишал на факултет и во 1947 година дипломирал инженерска физика на Универзитетот во Торонто. Другата година, во 1948  магистрирал, а во 1950 година докторирал на истиот факултет. По повеќегодишни специјализации на разни универзитети во Канада и САД, во 1964 година бил  избран за доцент по физика, а во 1977 година за редовен професор на Универзитетот во Торонто.

Својата работна кариера ја започнал во компанија за електроника, меѓутоа, го привлекувала  експерименталната физика и затоа се вратил на Универзитетот во Торонто, каде што го завршил магистерскиот а потоа и докторскиот степен под менторство на  професор Хари Велш. Докторска дисертација која тој ја одбранил во 1950 година е насловена „Раман спектатори на гасови на висока температура”.

Веднаш потоа цели 14 години бил член на Националниот совет во Отава под раководство на д-р Герхард Херберг, научникот кој ја имаше добиено Нобеловата награда за хемија во 1971 година. Стојчев го продолжи своето испитување на Раман спектроскопите, за потоа да го изгради првиот канадски рабинов ласер, кој бил втор од ваков вид во светот. Тоа бил период на Стојчев за развој на неговата научна кариера и неговите ставови и придонес во науката.

Широкиот спектар на проучувања во спектроскопијата и теоријата на ласерите се области од физиката во кои се афирмира проф. д-р Борис Стојчев во Канада и надвор од неа. Бројните резултати, печатени во повеќе од 100 научни трудови, му донесоа повеќе меѓународни признанија. Неговите резултати од овие области се цитирани во трудовите на многу познати научници и користени за добивање на нови научни резултати.

Признат на универзитетот на којшто работи, како и надвор од Канада, по научните достигања во областите: светлина, спектроскопија, молекуларни структури, ласери и нивната примена во физиката, нему за раководење му се доверуваат научноистражувачки групи. Организирал и раководел со интернационални конференции за ласерска спектроскопија и е уредник или член на редакцијата на познати светски списанија од областа на физиката, како што се: *Canadian Journal of Physic * ( 1974 – 1980 ), * Nuovo Cimento * — Italy ( 1974 ), * Raman Spektroskopy * — Great Britain ( 1977 – 1980 ), * Laser Fokus * — USA ( 1975 ).

За големиот спектар научно – истражувачки дострели бил одликуван со повеќе канадски и странски одликувања и почесни звања. Во 1982 година бил назначен за Officer of the Order of Canada. Професор Стојчев соработувал и со Артур Шолоу, американски добитник на Нобелова награда во 1981 година, при што заедно работеле во областа на ласерската технологија. Тој бил вклучен и со НАСА на вселенскиот проект Аполо.

Академик Борис Стојчев е и првиот изумител на ласерот во Канада и тој вложуваше напори за негово искористување во спектроскопијата. Од 1964 година е редовен професор по физика на елитниот Универзитет во Торонто, сè до 1989 година кога се пензионира.

Родната Македонија му се оддолжи на Стојчев  со тоа што го прогласи за член на МАНУ од надворешниот состав. Тој е добитник на највисокото признание „Офицер на Редот на Канада”, за своите дострели во физиката, а беше почесен професор и член на многу универзитети, академии на науки и научни и стручни асоцијации ширум светот. Борис Стојчев ќе остане запаметен во македонската заедница во Торонто како дарител и поддржувач во многу прилики, а, пред сè, на „Канадско-македонскиот центар” (Старечкиот дом“ за стари лица.

        Инаку, според зборовите на Борис Стојчев кој беше горд дека беше Канаѓанец од македонско потекло, Канада е земјата на иднината. Таа е држава во која живеат триесетина милиони жители, главно, од англиско и француско потекло, а има и повеќе од сто други националности, меѓу кои и околу 150.000 Македонци од трите дела на Македонија.

По повод смртта на академик Борис Стојчев саботното издание на највлијателниот канадски дневен весник „Торонто стар”, што излегува во тираж од над 500.000 примероци, објави голем некролог со негова фотографија во којшто, освен големите научни достигнувања, се нагласува дека тој беше и „силен поддржувач на македонската заедница”. Притоа соработува л со голем број активисти од организацијата „Обединети Македонци” и Македонската православна црква „Свети Климент Охридски.

Професорот д-р Борис Стојчев официјално отишол во пензија во 1989 година, меѓутоа неговото име се споменувало од неговите колеги, поранешни студенти, и светски познати мислители до неговата смрт на 15 април 2010 година, кога во 86. година од животот починал во Торонто, Канада.

Тогаш од него се опростија неговата сопруга Џоан, синот Петар, снаата Кетрин, и две внучиња Александар и Кристифор, како и сестрите Ана Ли, Дороти Арнолд, д-р Маргарет Стојчев (која почина на 9 февруари 2016 година на возраст од 82 години) и Џеси Чанер. Комеморацијата се одржа во Меси колеџот на Универзитетот во Торонто, омиленото место каде академик, професор д-р Борис Стојчев поминал триесетина години.

Продолжува

 Пишува: СЛАВЕ КАТИН