ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН
Следниот, последниот текст за митрополитот Кирил се однесува на осветувањето на некои покарактеристични нови цркви и други активности во Полошко – кумановсата епархија. Сите досегашни продолженија се дел од монографијата „Митрополитот Кирил“ што е отпечатена во 2007 година, на македонски и на англиски јазик, во издание на Полошко-кумановската епархија и Книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, од авторот на овие редови Славе Катин. Во тој период, неговото високопреосвештенство, митрополитот господин Кирил (Никола Поповски), беше архиереј по хиротонија во составот на македонскиот православен епископат и надлежен за Полошко – кумановсата епархија.
Така, меѓу другото, во моногравското дело е забележано дека по повод 30-годишнината од возобновувањето на целосната автокефалност на древната и славна Охридска Архиепископија во лицето на денешната Светиклиментова Македонска православна црква на 3 мај 1997 година беше евангелисана, односно осветена, новоизградената црква „Свети Ѓорѓија“ во селото Дебреше, а на 15 мај 1997 година беше реосветена црквата „Свети Атанасиј“ во село Ничпур, Гостиварско.
Чинот на осветувањето, односно реосветувањето, го изврши надлежниот архијереј на Полошко-кумановската епархија г. Кирил во сослужение со повеќе свештенослужители. Во потшарпланинското село Дебреше, на чинот на осветувањето присуствуваа околу пет илјади жители од ова и околните села, гости од Гостивар, Тетово, Скопје и од други градови на нашата држава.
Новиот црковен храм „Свети Ѓорѓија“ почна да се гради во 1994 година на темелите на стара црква, која била изградена и осветена во далечната 1624 година. Во изминатите над три и пол века неколкупати била уривана. Вредно е тоа што иконите и иконостасот е сочуван и е вграден во новиот црковен храм.
Во својата беседа господинот Кирил, меѓу другото, истакна дека со осветувањето на црквата „Свети Ѓорѓи“ во село Дебреше, беше поставен уште еден драгоцен камен на сенародниот и црковен македонски православен гердан.
Според зборовите на Благоја Ефремовски, претседателот на Црковниот одбор, со помош на ничпурци кои живеат во повеќе балкански и европски земји, и со донации на неколку претпријатија, се успеа да се изврши целосна реконструкција.
Инаку, црквата Свети Атанасиј изградена е во 1792 година од ктиторите Милош, Зафир и Данил од село Ничпур, а во 1965 и 1966 година беше обновен овој вреден црковен храм.
Во мај 2005 година, во село Трново, Кривопаланечко, беше прославен петвековниот јубилеј на црквата „Свети Никола“, а и обновата на една од најстарите цркви во овој крај. Полошко-кумановскиот митрополит Кирил, кој чиноначалствуваше со црковните свечености истакна, дека и покрај сите крстни распнувања на кои македонскиот народ бил и се’ уште е изложен од страна на некои соседи, со гордост и достоинство ги одбележуваме значајните јубилеи, каков што е и овој на црквата „Свети Никола“ во Трново.
Овој храм кој бил целосно руиниран, е обновен со донација од 16.000 долари од Светската банка, во рамките на проектот „Развој на општините преку културата”. Во обновата учествувале и голем број бизнисмени од Крива Паланка, Скопје и други градови од Македонија. На свеченоста беше промовирана и монографијата за црквата, а се одржа и општонароден собир.
На 22 април, 1991 година во селото Табановце, Кумановско надлежниот епархиски архијереј во сослужение на голем број свештеници и ѓакони од Кумановската епархија, намесништвото од целата негова благодародавна епархија од Кумановско, како и во присуство на повеќе од 3.000 верници од околните места, митрополитот Кирил изврши осветување на новоизградената црква „Света Петка“.
Овој црковен храм е изграден на истото место, каде што пред војната се наоѓаше со истото име, но кој, за жал не ги издржа налетите на бомбардирањето и беше урнат речиси до темел. Црквата „Св. Петка“ е изградена за рекордно кус рок, помалку од една година. Таа претставува еден величествен сакрален објект, и просторно е двојно поголем од оној што беше урнат за време на војната.
Осветени цркви од митрополитот Кирил во Полошко-кумановската епархија (1971-2005 година)
„Света Петка“ во Табановце
1. Црква „Св. ВМЧ Ѓорѓи Победоносец” с. Блаце осветена 1971 година.
2. Црква „Св. Атанасиј” с. Требош осветена 1976 година.
3. Црква „Св. Кузман и Дамјан” с. Једоарце е осветена на 25 септември 1977 година.
4. Црква „Св. Арханѓел Михаил” с. Јегуновце осветена на 29 октомври 1978 година.
5. Црква „Св. Никола” с. Копанце осветена 1978 година.
6. Црква „Св. Петка” с. Варвара осветена 1980 година.
7. Црква „Св. Атанасиј” с. Ратае осветена 1980 година.
8. Манастирска црква „Св. Троица” с. Блаце осветена 1983 година.
9. Црква „Св. Атанасиј” с. Долно Седларце осветена 1985 година.
10. Црква „Св. Теодор Тирон” с. Јанчиште осветена 1985 година.
11. Црква „Св. ВМЧ Димитриј” с. Милетино осветена 1987 година.
12. Црква „Св. Недела” с. Теново осветена 1989 година.
13. Возобновената црква „Св. Атанасиј” с. Џепчиште е осветен камен-темелник 1991 година,
14. Црква „Св. Атанасиј” с. Фалише осветена на 15 септември1980 година.
15. 03 јули 1992 година е извршен чинот полагање камен-темелник на манастирската црква „Св. Наум Чудотворец” на Попова Шапка.
16. 03 јули 1993 година е извршен чинот на мало осветување на манастирската црква „Св. Наум Охридски” на Попова Шапка од страна на митрополитот полошко-кумановски г. Кирил, а воедно е поставен камен-темелник за изградба на конаците и камбанаријата.
17. Во с. Отуње извршено е мало осветување на празникот на „Сите Македонски Светители” на 04 октомври 1994 година.
18. Манастир „Св. Богородица” с. Џепчиште е осветен на 05 септември 1995 година.
19. Црква „Св. Никола” с. Слатина осветена на 04 јуни 1995 година.
20. Манастирска црква „Св. Илија” с. Луковица осветена на 02 август 1996 година.
21. Црква „Св. Спас” с. Рогачево осветена на 04 август 1996 година.
22 Црква „Св. Константин и Јелена” с. Блаце осветена на 31 мај 1998 година.
23. Црква „Св. Петка” с. Стенче осветена на 05 мај 2000 година.
24. Црква „Св. Архангел и Михаил” с. Брвеница осветена на 04 октомври 2003 година.
25. Црква „Св. Јован Крстител” с. Беловиште осветена на 07 јули 2005 година.
26. Црква „Св. Атанасиј” с. Сараќино осветена на 26 јули 2005 година.
27. Црква „Св. Петка и Св. Недела” – Тетово.
28. Манастирска црква „Св. Ѓорѓи” с. Волковија.
29. Црква „Св. Архангел Михаил” с. Подбреѓе.
30. Црква „Св. Димитриј” с. Теарце.
31. Манастирска црква „Св. Константин и Јелена” с. Вратница.
32. Црква „Св. Ѓорѓи” с. Јегуновце.
33. Црква „Св. Атанасиј” с. Џепчиште.
34. Црква „Св. Илија” с. Брезно.
35. Локалитетот „Св. Ѓорѓи” с. Туденце, во него Заводот изврши конверзација на темелите и подготовка за понатамошна градба.
Исто така, во активностите на митрополитот Кирил имаше Хуманитарната организација „Милосрдие”. Таа е милосрдна религиозно-христијанска асоцијалција чија главна цел е иницирање и имплементирање милосрдна активност и ширење на христијанската евангелска љубов меѓу луѓето, со регистрирно седиште во Скопје, главниот град на Република Македонија. „Милосрдие” е основана во 1995 година и дејствува во рамките на Македонската православна црква. Регистрираното седиште на хуманитарната организација „Милосрдие” се наоѓа во просториите на Македонската архиепископија која се наоѓа на булевар „Партизански одреди”, бр. 12, Скопје. Претседател на хуманитарната организација „Милосрдие” беше митрополитот полошко-кумановски Кирил.
Хуманитарната организација „Милосрдие” е јавно правно лице кое дејствува во црквата и секуларното подрачје. Тоа е организирано на централно и на локално ниво и има свои органи и тела. Таа има своја епархија и други регионални единици на територијата на Република Македонија, како и во епархиите на Македонската православна црква во дијаспората – САД, Канада, Австралија и неколку земји во Европа.
Хуманитарната организација „Милосрдие” ги спроведува следниве активности:
• Им помага на старите и на болните;
• Им помага на сиромашните;
• Им помага на сирачињата и децата без родители;
• Им помага на инвалидите, напуштените и бездомниците;
• Помага во случај на страдање и неволја; поблиску до јавноста и обучува хуманитарни работници.
Менаџментот на организацијата на активностите на хуманитарната организација „Милосрдие” се извршува централно во рамките на Македонската православна црква, додека активностите се спроведуваат локално во согласност со бројот на епархиите на Македонската православна црква.
Хуманитарната организација „Милосрдие” има десет регионални единици со регистрирани канцеларии главно во епархиските центри во Кумано во, Тетово, Струмица, Битола, Штип, Охрид.
Хуманитарната организација „Милосрдие” ја има ориентирано својата активност кон отворање на црковно-народни кујни каде им се дава топол оброк на најсиромашните во Република Македонија
Kraj
Пишува: СЛАВЕ КАТИН