Новиот состав на Собранието треба да се конституира најдоцна 20 дена по изборите

Новиот парламентарен состав избран на вчерашните избори, согласно новиот Деловник на Собранието, треба да биде конституиран најдоцна до 28 мај. Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. 

Конститутивната седница ќе трае најмногу три дена, а треба да ја свика сегашниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21 ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот параментарен состав, се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.

Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Пратениците се избираат на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање. Пратеникот ги претставува граѓаните и во Собранието одлучува по свое уверување.

Избори за пратеници во Собранието се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на стариот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието.

Пратениците во Собранието се избираат за време од четири години. Мандатот на пратениците го верифицира Собранието. Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба.

Со закон се утврдува неспојливоста и неизбирливоста на функцијата пратеник во Собранието со вршење на други јавни функции или професии. Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

One thought on “Новиот состав на Собранието треба да се конституира најдоцна 20 дена по изборите

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *