ПРЕСПА ВО ДЕЛАТА НА СЛАВЕ КАТИН
Егејска Македонија е земјата со чие име уште во античките времиња се означувала малата покраина во непосредна близина на Пела – престолнината на античкото Македонско Царство. Во тоа време Македонија го опфаќала просторот меѓу денешното исушено Пазарско Езеро и долниот тек на реката Вардар.
Македонскиот народ во егејскиот или беломорскиот дел на Македонија, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички ѝ е туѓ на Грците (Елините). Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент кога ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Затоа, националниот состав на населението во овој дел на Балканот има претрпено големи етнички промени, особено по Балканските војни и поделбата на Македонија.
Таква била и судбината на Македонците од поделена Долна Преспа во Беломорска Македонија каде постојат селата: Раби (Р‘би), Медово, Штрково, Опаа, Рудари, Папли (П‘пли), Оровник, Буковик, Лок (Л‘к), Дреново, Трново, Граждено, Орово, Дробитишта, Винени, Нивици и Ахил (Аил), како и 3 села во делот на Албанија: Заградец, Ракитско и Суец.
Сите овие македонски села во Долна Преспа имаат заедничка историја, судбина и се без иднина, како и многи предели на етничка Македонија. Едно од тие села кое има значајно историско минато е, секако селото Ахил (Аил), кое било на островот Ахил во Малото Преспанско Езеро, каде се наоѓаат остатоци од катедралната црква „Свети Ахил Лариски“
Инаку, според пишаните документи, свети Ахил Лариски е христијански светец и епископ на Лариса. Тој бил роден во Кападокија од чесни родители кои уште од неговото детството го воспитувале во христијански дух. Ја изучувал филозофијата, а длабоко проникнал и во внатрешната духовна филозофија.
Поради неговите човечки вредности бил поставен за епископ Лариски и во тоа својство учествувал на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година, на кој со своето знаење, но и со својата принципиелност ги засрамил еретиците и придонесол за победа на вистинските христијански принципи.
Според христијанското верување, Ахил зел еден камен и им викнал на ариевците:
„Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј“?
Островот св. Ахил во Долна Преспа
На ова прашање, тој не добил никаков одговор. По ова, тој повторно рекол:
„А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен“!
По овие зборови, навистина претекло елеј
Не се знае кога е роден свети Ахил, но се знае дека починал во 330 година во Лариса, во Тесалија. Царот Самуил сакал во својата црква да има мошти на истакнат светител од првите векови на христијанството чиј култ бил раширен на поширок простор. Кога Самоил ја освоил Тесалија, тој наредил моштите на свети Ахил да бидат пренесени на истоимениот остров во Преспа.
Празникот на Свети Ахил, пак, се празнува на 15 мај, стар стил, и овој ден имал важна улога во животот на Охридската архиепископија. Иако седиштето на црквата се наоѓало во Охрид, нејзиниот синод често заседавал во црквата „Св. Ахил“ на истоимениот остров и тоа во мај (во пролет), водејќи сметка синодските седници да завршат до 15 мај – празникот на св. Ахил.
Пред да бидат пренесени моштите на св. Ахил на островот, островот се викал Преспа, a подоцна го добил името на светителот, а на островот имало и село што го носело името Ахил (Аил). По победата на византиската војска над Самоуиловата и по распаѓањето на Самуиловото царство, Василиј Втори на островот му ставил име Костанција, но тоа не можело да се зацврсти пред силниот култ на св. Ахил, така што островот пак си го задржал името на светителот.
Дека култот на свети Ахил бил силен во овој дел на Македонија зборува и присуството на неговиот лик во повеќе цркви. Така, на пример тој има значајно место во преспанската црква „Св. Ѓорѓи“ во с. Курбиново, во костурската црква „Св. Врачи“ во црквата „Св. Никола“ – манастир во Мариово, во црквата „Св. Никола“ во с. Псача, Кривопаланечко, во црквата во Старо Нагоричане, во „Св. Никола Болнички“, во црквата на манастирот на „Св. Наум“ и други цркви во Охрид, како и на други места во етничка Македонија,
Исто така, култот на свети Ахил бил силен и во Србија, Грција и пошироко, што зборува за неговиот широко распространет култ. Дека култот кон свети Ахил Лариски е нашироко почитуван во Македонија, говори и податокот дека црквата во реканското село Требиште е посветена токму на овој светец, кој кај тамошното месно население се слави како Аурилија.
Црквата „Свети Ахил“ е една од древните цркви во Преспа. Таа има најголем број посетители кои доаѓаат во Долна Преспа, во егејскиот дел на Македонија. Таа е најфотографираниот споменик на Преспа и е еден од најпознатите пејсажи на Егејска Македонија, денес на Грција и на Балканот, кој се наоѓа на источниот брег на островот Св. Ахил.
Според историските податоци византискиот хроничар Џон Скилитис, импозантната црква била изградена помеѓу 983 и 986 година од страна на македонскиот (бугарскиот, според грчки податоци) цар Самуил, во близина на палатата на градот Преспа“.
Цар Самоил тогаш ја освоил територијата Лариса, а неговите војници ги довеле моштите св. Ахил и на светителите св. Диодор од Трики и Св. Ригинос од островот Скопелос кои биле откриени на островот во 1963 година, за време на ископувањата во режија на професорот Н. Муцопулос.
Според грчки научни тврдења, за време на овие ископувања, бил откриен уште еден гроб во друг храм, покриен со пурпурна маса и пресечени ткаенини и туники врзани со орли. Овој гроб се смета дека му припаѓал на цар Самуил.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН