Ковачевски: СДСМ е силна партија ќе го надмине и овој предизвик

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски смета дека на претстојните парламентарни и вториот круг од претседателските избори граѓаните ќе треба да бираат помеѓу две опции  – едната која за цел има просперитетна Македонија, преку полноправно членство во ЕУ до 2030 година или политичка опција која нуди маглив план за репреговарање на договорот со Бугарија и преговарачката рамка за која ЕУ се изјаснила дека не е можно, со што, како што вели, ќе ја држи земјава во место.

-На 8 мај изборите ќе бидат тешки со оглед на резултатите од првиот круг на изборите за претседател, но, СДСМ е силна партија, партија наследник на Сојузот на комунисти на Македонија од НОБ. Со оглед на тоа со какви се предизвици се соочувале нашите претци, но и раководствата на СДСМ од 1991 година до денеска сметам дека и оваа пречка СДСМ успешно ќе ја надмине. Ќе добиеме доволен број гласови со кои партијата ќе биде респектибилна политичка сила во Собранието, рече Ковачевски во интервју за „360 степени“ за тоа какви се очекувањата на партијата.

Тој додаде дека повикуваат на обединување на сите прогресивни сили кои што се за програмата предложена од СДСМ, која ги има наведено сите грешки кои што биле направени во изминатите седум години и што треба да се направи за да се исправат. Ковачевски посочи дека СДСМ има многу јасен план за тоа каде треба да се движи државата на сите полиња, од економски, владеење на правото, борба против корупција, грижа за млади, грижа за сите, зголемување на пензии, зголемување на минималната плата, на просечната плата. 

На прашањето дали на Конгресот на партијата за отчет ќе се бори да остане на лидерската позиција, ако СДСМ изгуби на изборите, Ковачевски вели дека својот став за идно политичко дејствување ќе го соопшти по завршување на изборите, но додаде дека по секои избори има Конгрес на кој се одлучува за идните чекори на партијата. 

Лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа во првата изборна единица, Димитар Ковачевски, ќе остане да дејствува како пратеник во Собранието и ако СДСМ изгуби на парламентарните избори и не е дел од идната влада. Според Ковачевски, секој што е избран треба во Собранието да ги презентира ставовите и определбите коишто пред изборите ги презентирал пред гласачите.

-Одговорноста и процедурите во СДСМ се јасно дефинирани во статутот и нема да се применат за првпат сега, туку се применувани во минатото од 1991 година. После избори во СДСМ има отчетен конгрес каде се гледаат точно причините за резултатот, било да е позитивен или негативен. И после има обврска за избор на сите органи или резибор на сите органи на партијата зависно од резултатот и потоа партијата продолжува со својата работа. Инаку, јас сум во партијата од 1994 година и сум работел со сите претседатели на СДСМ. Како што јас сум ја имал нивната поддршка, сите идни претседатели на СДСМ ќе ја имаат мојата поддршка и сите раководства на партијата, истакна лидерот на СДСМ.

Тој во интервјуто говореше и за однесувањето на ДУИ и нејзините фунционери во Владата и за перцепцијата на граѓаните за тоа, и притоа истакна дека не се работи за надмоќ оваа партија туку за несоодветно однесување на дел од функционерите на ДУИ.

-Јас не можам да ставам равенство помеѓу сите коишто функционирале во владата. Ние имавме, сепак, професионален однос. Сите министри работеа во рамки на своите надлежности. Најголемиот дел од нив работеа 24/7, буквално така… Посебно економските министри, за да обезбедат сè што е потребно за антикризни мерки до финансирање на државата, вели лидерот на СДСМ.

Ковачевски истакна дека досега не разговарал со ниту една партија за евентуална поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Тој, рече лидерот на СДСМ, е граѓански кандидат и ги бара гласовите на сите граѓани. Исто така, додаде Ковачевски, ниту една партија ги нема гласовите на граѓаните во раце за да може да одлучува дали да ги даде на некој кандидат. 

Во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека во идната Влада би коалицирала со коалицијата „Вреди“ од албанскиот политички блок и обвинувањата на ДУИ, дека доколку тие освојат повеќе гласови и пратеници, со една таква коалиција би се потценил гласот на граѓаните, Ковачевски вели дека тоа е политички избор во едно демократско општество.

– За тоа кој прави влада одлучуваат бројот на пратениците кои имаат мнозинство во Собранието, рече претседателот на СДСМ. 

Тој во интервјуто запрашан за став во врска со изборниот резултат на ЗНАМ и Максим Димитриевски истакна дека неговиот резултат е респектабилен, но оти станува збор за гласови кои традиционално би оделе на конто на СДСМ.

-Тоа се гласови на незадоволни од политиките на СДСМ, пред сè внатрешно, веројатно од дел од кадровската политика, дел од однесувањето на некои наши другари визави тие кои го искажааа својот револт и гласаа за ЗНАМ. Практично, тие гласаа против своите, вели лидерот на СДСМ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Прашан зошто, според СДСМ, секој глас за Димитриевски и ЗНАМ е глас за ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски вели дека секој глас што го намалува потенцијалот на оваа партија ја зголемува разликата со ВМРО-ДПМНЕ.