„Македонија горда“ и „Македонија твоја“ се сијамски близнаци, логична целина, благодарна сум на сите кои ме поддржаа, кажа пред кумановци, кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг во Куманово. Таа нагласи дека граѓаните се нејзина инспирација, изворот на „Македонија горда“ нагласувајќи дека Македонија и од Балканот може да се направи пристојно, стандардно, европско катче за живеење.
– Не можам да заборавам на оние кои во мене препознаа достоен кандидат за претседател, на ВМРО ДПМНЕ, на пратеничката група, но и на луѓе кои не се партиски определени, кои не се заинтересирани за политика, ама излегуваат заради тоа што ги инспирирам, рече Силјановска Давкова.
Зборувајќи за младите од различните етнички заендици, рече дека е важно да се задржат најдобрите, да не бегаат од државата.
-Не смееме да ги подаруваме најдобрите од Македонија надвор. Треба да се бориме за нив. Борбата почна, се разбира со аргументи, со дебати со проекти и можете многу лесно да утврдите кој има програма и проекти, а кој нема ништо. Со ништо не се прави нешто. Овие луѓе се потрошени изморени од моќ и затоа не можат без неа. Ние не сакаме моќ, ние сакаме заслужен авторитет. Таа гордоста, не може ниту да ја купите, ниту пак може да ја украдете, ниту пак доаѓа незаслужено. Гордоста доаѓа со работа. Гордоста доаѓа со чест, кажа кандидатката за претседател.
Таа посочи дека нејзината програма е испечатена на сите јазици на етничките заедници, на албанскиот, српскиот, ромскиот, турскиот, бошњачкиот … Пред кумановци на митингот рече дека на 8 мај очекува „политички вулкан“.
– Ако резултатот во првиот круг со спортски речник беше 2:1, и замислете уште имаат идеализам дека на волшебен начин нешто во паузата меѓу двата натпревари ќе се случи тогаш логично е бидејќи логично е опозицијата да размислува политички, на 8 мај резултатот да биде барем 3:1, кажа Силјановска Давкова.