На победата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова во првиот круг и на големата предност што ја доби во однос на актуелниот претседател Стево Пендаровски, акцентот го ставаат грчките медиуми во текстовите за вчерашните претседателски избори, јави дописничката на МИА од Атина.
„Северна Македонија: Чиста победа на кандидатката на ВМРО во првиот круг од претседателските избори“; „Северна Македонија: Голема победа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од претседателските избори“; „Северна Македонија: Големо водство на Силјановска на претседателските избори“; „Претседателски избори во Северна Македонија: Чиста победа на кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг“; „Големо водство на кандидатката на ВМРО за претседател во Северна Македонија“; „С. Македонија: Победа на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг од претседателските избори“, се дел од насловите во онлајн изданијата на медиумите во Грција.
Државната новинска агенција АНА-МПА, на почетокот од текстот, што го презедоа речиси сите грчки медиуми, пишува дека „кандидатката на десничарската опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, извојува чиста победа во првиот круг од претседателските избори, со двојно поголем процент од нејзиниот главен противкандидат, кандидатот на владејачката Социјалдемократска партија. Партијата (СДСМ) и претседател во заминување, Стево Пентаровски“.
АНА-МПА, ги пренесува и резултатите од изборите и изјавите на Силјановска и Пендаровски доцна синоќа, како и на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.
– Политичките аналитичари во Скопје коментираат дека главниот елемент на првиот круг од претседателските избори е обемот на победата на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Силјановска, што ги надмина и најоптимистичките прогнози на самата опозициска партија и е речиси невозможно да се промени во вториот круг. Исто така, оценуваат дека резултатот од вчерашните избори испраќа порака на „незадоволство“ до владејачката Социјалдемократска партија, која по заминувањето на Зоран Заев од раководството ја губи силата. На парламентарните избори на 8 мај, СДСМ е во опасност да претрпи голем пораз, додаваат тие, пишува грчката новинска агенција.
Медиумите во Грција потсетуваат дека за две седмици ќе се одржи вториот круг од претседателските избори како и парламентарни избори.