Предлог- законот за енергетика во кој се вклучени сите забелешки што беа изнесени на јавните расправи во изминатите неколку месеци и дадени преку ЕНЕР, од денеска повторно е поставен на ЕНЕР и во наредниот период ќе биде пуштен во собраниска процедура.
По Предлог-законот, како што истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата, е определено Владата да продолжи да биде одговорна за ЕЛЕМ, МЕПСО да потпадне под надлежност на Министерството за транспорт и врски, а Македонски енергетски ресурси-МЕР под Министерството за економија.
Како што посочи, по усвојувањето на новиот закон за енергетика во рок од 90 дена е предвидено да се направи ротација на комесарите во Регулаторната комисија за енергетика односно да се избере нов претседател и два нови члена. Покрај тоа треба да се избере и универзален снабдувач на пазарот на електрична енергија кој ќе ја гарантира цената за електричната енергија за домаќинствата и на кого ЕЛЕМ ќе биде должен во 2019 година да му предаде 80 отсто од производството, а во наредните години процентот да се намалува и во 2025 да изнесува 30 отсто од производството.
Законот за енергетика, нагласи Анѓушев, е усогласен со пет европски директиви и три регулативи и овозможува целосна либерализација на енергетскиот сектор односно секој потрошувач по сопствен избор и со сопствено договарање да може да избере снабдувач со електрична енергија и гас.
Одговарајќи на прашање, Анѓушев најави дека со посебен правилник во Законот за енергетика ќе се регулира проблемот на исклучените од парно греење во Скопје и додаде дека ќе се направи се за тие да не плаќаат за услуга што не ја добиваат.
Потврди дека на Економскиот совет на Владата се разговарало за изградба на хидроцентралите Чембрен и Галиште и се заклучило дека треба да се градат во изменет облик и додаде дека по 11 неуспешни тендери сега очекува да се најде начин да се изградат хидроцентралите.
Анѓушев не очекува по целосната либерализација да порасне цената на струјата за граѓаните, а гарант за тоа, како што кажа, е универзалниот снабдувач, како и одредбата во Законот да се субвенционира енергетската сиромаштија, но во субвенциите сега да се вклучат и стечајните работници и пензиониерите со пониски пензии.