Мицкоски: Власта подготвува сценарија за изигрување на волјата на народот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од предизборниот митинг на партијата во скопска Гази Баба обвини дека власта подготвува сценарија за изигрување на изборната волја на народот, а како што рече, најефикасен одговор за нивната завера е масовно гласање.

– Иако народот е определен и е јасно дека власта ја чека пораз, сакам да предупредувам дека знаеме со кого си имаме работа. И забрзано овие денови спремаат повеќе сценарија со кои сакаат да ја изиграат волјата на народот и да го ублажат поразот, рече Мицкоски.

Според него, Ковачевски „веројатно поучен од некои ментори со искуство внатре во партијата, игра „опасна игра“. 

-Тој на ДУИ им нуди многу повеќе ресори, министерства и претпријатија отколку што самата ДУИ може да замисли. И ова го прави со една единствена цел, моли, коленичи, измеќари заедно со Стево Пендаровски за да добијат поддршка за вториот кург претседателски избори. Но, заборава дека колку и да измеќарат, колку и да бараат поддршка, овој народ овде и народот кој што изминативе 18 дена го гледам низ Македонија како се обединува околу коалицијата „Твоја Македонија“,  ВМРО-ДПМНЕ и идниот претседател Гордана Силјановска Давкова, сум сигурен дека било какво понижување, било какво измеќарење ќе биде недоволно, истакна Мицкоски.

Според неговите информации, ваквата завера е дополнета „со намерата да уфрлат луѓе за потплата на гласови и да вршат притисоци за гласање“, а не исклучува и колективно гласање и брзо гласање во некои делови од државата како што имало во минатото.

Мицкоски верува дека МВР сериозно ќе постапи, но вели најефикасен одговор на ова е да се излезе на гласање.

– Излезете и гласајте, гласајте масовно уште на претседателските избори затоа што така ќе го победиме секој поткуп и нерегуларности и така ќе спречиме да ја украдат народната волја, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на денешниот митинг на коалицијата предводена од СДСМ пред канцеларијата на Делегацијата на Европската унија, Мицкоски рече дека ниту Ковачевски, ниту Ахмети не може да бидат дел од ЕУ бидејќи се заглавени во криминал.  

– И денес гледам правеле митинг пред зградата на делегацијата ЕУ во центарот на Скопје, небаре ако се поблиску до зградата ќе бидат и тие ЕУ. Каква пародија. И Ковачевски и Ахмети на чело да тетовираат знаме на ЕУ и да се качат на врв на зградата на ЕУ, тие не стануваат тоа затоа што до гуша се во криминал и се прочитани од народот како буквар, порача Мицкоски.

Кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска-Давкова рече дека нејзин интерес ќе биде заштитата на националните и на државните интереси.

– Кога велам дека сум горда на мојот народ не мислам само на Македонците, мислам и на Ромите, Власите, Албанците, Турците, Србите, Бошњаците… Ќе видите дека мојата програма денес веќе е преведена на турски, албански и на српски, а веќе утре-задутре ќе биде и на останатите јазици, рече Силјановска Давкова.

Побара поддршка за неа и за кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ посочувајќи дека власта нема ништо европско, ниту во функционирањето, ниту во политиката.

Носителот на кандидатската листа во Втората изборна единица Владо Мисајловски истакна дека нивната идеја е економијата да има раст до пет проценти, да има инвестиции, да се отворат 50 илјади нови работни места, линеарно зголемување на пензиите..