Дачиќ за Бујар Османи: Интересно е дека Пендаровски не бил информиран за резолуцијата за Сребреница

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ на прашањето за изјавата на шефот на дипломатијата на Северна Македонија, Бујар Османи, дека земјата ќе излезе од иницијативата Отворен Балкан и дека Северна Македонија е еден од коспонзорите на резолуцијата за геноцид во Сребреница која ќе биде изгласана на 2 мај, изјави денеска дека станува збор за предизборни изјави и дека е „многу интересно што претседателот на таа земја, Стево Пендаровски, не бил информиран дека Северна Македонија ја поддржала резолуцијата за Сребреница“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ако македонскиот претседател не знае дека Северна Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница, што можам да ви кажам следно? Само прашувам дали тој (Бујар Османи) зборува во името на цела Северна Македонија, македонскиот или албанскиот народ, одговори Дачиќ на новинарите по средбата со министерот за надворешни работи на Суринам, Алберт Рамдин.

Дачиќ во врска со резолуцијата оцени дека во Обединетите нации нема консензус за усвојување на резолуцијата за геноцидот во Сребреница.

-Сметаме дека сега не треба да се разговара на оваа тема, не е ни годишнината. Ова е неселективна правда затоа што не можат само Хутите и Србите да бидат етикетирани како геноцидни нации. Нема таков геноцид што не го извршиле земјите што ја потпишала оваа резолуција и сега тие ќе ни држат предавања за тоа. Ако силата може се, ние ќе се бориме колку што можеме, рече Дачиќ.