МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ И НЕГОВАТА УЛОГА КАЈ МАКЕДОНСКОТО ИСЕЛЕНИШТВО (15)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „МИТРОПОЛИТОТ КИРИЛ“ НА СЛАВЕ КАТИН

Митрополитот г.Кирил викаше дека тој можел со посебно задоволство да каже дека денес македонското иселеништво во САД и Канада, преку дејноста на црковните православни цркви, ја доживува својата вистинска црковно-духовна, културно-просветна и сенародна ренесанса и афирмација, што, секако, е заслуга на својата матична татковина – Македонија и грижата на мајката автокефална Црква.

Всушност, нашата Светиклиментова автокефална МПЦ-ОА е оној „спиритус мовенс“ кој ги мотивира, обединува и инспирира македонските чеда во нивното ежедневно и севкупно живеење и творење достојни за почит за себе и за идните генерации.

Ова зборува дека такви добри дела можат да прават само добро организирани институции, примерни во работата, креативни и силни луѓе, штедри дарители какви што се членовите на МПЦ-ОА, кои ги има и меѓу иселеништвото и овде во татковината.

Луѓе проникнати со достоинство и искрено и чесно македонољубие. Луѓе со широки и чисти евангелски христијански погледи и љубов кон својот народ и сите луѓе.

Притоа, тој ќе речеше дека погоре искажаните бериќетни остварувања на нашата Света црква не се голи статистички показатели. Тие треба, пред сеʼ да се восприемат и доживеат како река која продолжува незапирливо да тече, но и како ретка планетарна појава и ѕвезда-Деница, која блеска во својот сјај во лицето на МПЦ-ОА по обновата на нејзината автокефалност.

Без нејзината обнова не ќе можевме да ги имаме црквите во дијаспората и нашиот богољубив народ. А, без таа и таква силна пројава, не ќе можевме да придонесеме за збогатувањето на духовните и културните ризници на земјите, како и за облагородување на народите меѓу кои се и Македонците од сите делови на Македонија кои свиле ново живеалиште.

Исто така, митрополитот г. Кирил потенцираше дека нашите успеси немаше да бидат толку големи доколку не ја имавме помошта и високото разбирање од демократските власти на САД и Канада. Затоа, денес, нашето иселеништво на просторот од северноамериканскиот континент пулсира со живот достоен за секаква почит.

Севкупните позитивни остварувања создаваат нови релации и нова позитивна клима во односите на САД и Канада со Македонија, зацврстувајќи ги мостовите за вистинско искрено пријателство и севкупна соработка, разбирање и заемно почитување.

МПЦ „Св. Никола“ во Виндзор

Притоа може да се рече дека и МПЦ-ОА, преку севкупните исклучително позитивни активности на, од Бога благословената почва од САД, придонесе денес нашата суверена Македонија, од оваа најмоќна демократска велесила на планетата Земја, да биде признаена под нејзиното уставно име. Затоа треба да се упати трајна и неизмерна благодарност кон пријателските САД на чело со ценетиот претседател Џорџ Буш.

Мисијата на митрополитот г. Кирил како надлежен архијереј на Американско-канадско-австралиската епархија на МПЦ-ОА беше драгоцена. Тој целосно се посвети на обединувањето на македонскиот народ во Австралија, САД и Канада, каде што живеат Македонци од сите делови на Македонија. За таа цел широко го отвори процесот за изградба на свети македонски православни храмови.

Во нив ги оттргна Македонците од канџите на српскиот, бугарскиот и грчкиот шовинизам, чии средишта се токму српските, бугарските и грчките цркви. Митрополитот г. Кирил, заедно со голем број свештеници и со активистите од македонските асоцијации, ги врати Македонците „под топлото крило во дверите на автокефалната Македонска православна црква”.

Митрополитот Кирил поставил камен-темелници или осветил голем број македонски новоизградени свети храмови и други црковни објекти во Австралија, Канада и САД. Тој, речиси, секоја недела престојуваше во нови средини, во нови градови, каде засекогаш ги постави основите за духовно-црковна, национална, културна и секаква друга независност на Македонците. Исто така, тој придонесе за развојот на вредностите на националната самобитност на македонскиот народ во дијаспората.

Со неговото доаѓање во новите средини, Македонците од сите делови на распарчена Македонија почнаа масовно да се организираат во единствени македонски православни цркви и црковни општини. Со тоа се зададе решителен удар на големосрпската, големогрчката и големобугарската антимакедонска пропаганда. Митрополитот Кирил стана синоним на единството на Македонците од сите делови на Македонија во Австралија, Канада и САД.   

Тој ги постави црковните и националните темели на тие прекуокеански простори и ги поттикна Македонците низ светот да се зближат. Со тоа тие постигнаа видни резултати на црковно и национално поле, афирмирајќи се себеси и македонската вистина во новите средини.

Исто така, Под неговото мудро архипастирско раководење се изградени, реновирани и преуредени преку стотина храмови на МПЦ. Меѓутоа, духовно-црковните и националните постигнувања, особено на планот на обединувањето на Македонците во целиот свет, односно од сите делови на Македонија, имаат непроценливо значење.

Инаку, на 10 август 1969 година во катедралниот храм “Свети Климент Охридски Чудотворец” во Торонто, со величествени свечености, ќе биде извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско- канадско-австралиската македонска православна епархија. Чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство, митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј.

На митрополитот му се доделени бројни награди и признанија, меѓу кои: Златна плакета од Матицата на иселениците од Македонија, како и Орден заслуги за народ со сребрени зраци (25 мај 1984 година со Указ број 43 на тогашното Претседателство на СФРЈ, за неговите извонредни активности меѓу македонското иселеништво). Доби и Благодарница од еден од најстарите македонски фолклорни ансамбли “Гоце Делчев” од Скопје, потоа највисоките признанија од општините: Кратово, Крива Паланка, Куманово и други.

Голем е бројот на специјалните плакети добиени од Македонската православна епархија за САД, Канада и Австралија, односно од македонските православни црковни општини во прекуокеанските земји, кои му беа врачувани на најголемите свечености по разни поводи, јубилејни одбележувања, како и при крупни остварувања во македонските црковни општини ширум светот.

Како најстар архијереј по хиротонија и архипастир со 40-годишно искуство и со значаен историски изминат пат во поновата историја на нашата света Црква, тој достојно беше респектиран од македонскиот народ и Македонската православна црква како голем борец и поборник за запазување на честа, достоинството и автокефалниот статус на нашата света Црква.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН