ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ НА АТАНАС БЛИЗНАЈОВ ВО МОНОГРАФИИТЕ НА СЛАВЕ КАТИН
Ликот и делото на Атанас Близнаков ќе останат вечни. Тој е првиот и единствениот хуманист и донатор на толку голема фондација. Во исто време тој е поттикнувач и на други слични фондации, како то е Фондацијата ,,Петар Стаматоф” основана по терк на Фондацијата ,,Атанас Близнаков”
Затоа, не случајно се вели дека Фондацијата „Атанас Близнаков” е трајна, многузначајна и со големи перспективи. Тоа е познато и признато, не само во македонската држава, туку и пошироко во македонската дијаспора, од каде што во иднина се очекуваат и други слични фондации.
По повод одбележувањето на 22-годишнината на Фондацијата „Атанас Близнакоф” и 11-годишнината на Фондацијата „Петар Стаматоф” на заедничката седница, на 18 април 1999 година, ректорот проф. д-р Александар Анчевски, во своето обраќање до членовите на двете фондации, до проректорите, до студентите, роднините и пријателите на овие донатори, рече:
„Почитувани членови на советите на Фондацијата „Атанас Близнаков” и на „Петар Стаматоф”, почитувани студенти – стипендисти, почитувани гости.
Денешнава свечена седница на двете фондации „Атанас Близнаков” и „Петар Стаматоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, ја посветуваме на споменот и благодарноста кон двајцата наши големи донатори Атанас Близнаков и Петар Стаматов.
Советот на Фондацијата „Атанас Близнаков” и Советот на Фондацијата „Петар Стаматоф” на својата редовна седница одржана на 3.12.1998 година одлучија секоја година да се одбележува основањето на фондациите со свечена седница.
Фондацијата „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето е формирана со Одлука на Универзитетскиот совет, донесена на 148-та седница од 18.ИВ.1977 година, врз основа на лично изнесената желба на нашиот сонародник Атанас Близнаков, како и врз неговото последно завештание и тестамент
Ректортот Велимир Стојковски, Иван Џо Петрески, претседателот на Матицата и Славе Катин, авторот на монографијата „Близнаков“.
Фондацијата „Петар Стаматоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето е формирана со Одлука на Универзитетскиот совет, донесена на 228-та седница одржана на 1.ИВ.1988 година на писмено барање на нашиот сонародник Петар Стаматов, со почетен капитал од 250.000,00 американски долари.
Атанас Близнаков е роден во почетокот на овој век. На 15 декември 1901 година во револуционерното село Д’мбени, Егејска Македонија. Петар Стаматов е роден кон крајот на 19 век, во 1898 година во славното Смилево.
Соочени со тешката материјална состојба на својата поделена и осиромашена земја и двајцата тргнале во новиот свет – Америка, да бараат подобар живот.
Атанас Близнаков во Гери, Индијана, САД живеел повеќе од половина век. Во Македонија се вратил во 1976 година заедно со својата верна сопатничка, сопругата Славка и веднаш се зафатил да ја реализира својата дамнешна желба: својата макотрпна печалба остварена во далечна Америка да ја стави во функција на создавање материјални услови за студирање на наши студенти. Така, оваа негова желба, му се оствари во 1977 година со формирањето на Фондацијата „Атанас Близнаков” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Петар Стаматов, пак, целиот свој животен век го поминал во Илиноис, САД, но врските со својата родна Македонија никогаш не ги прекинал. Неколкупати ја посетил Македонија. По основањето на Фондацијата „Петар Стаматоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, Управата на Универзитетот го поканувала да го посети Универзитетот. Длабоката старост беше причина што со жалење не можеше да ги прифати поканите.
Петар Стаматов почина на 28 јануари 1995 година, а Атанас Близнаков почина на 10 јули 1998 година. И двајцата починаа на 97 години.
Иако Атанас Близнаков и Петар Стаматов немале свои родени деца, тие, својата огромна љубов и благородна душа ја преточиле во одлуката за основање на фондациите за стипендирање студенти кои покажуваат особени резултати во студирањето, со што стекнале стотици свои деца кои со голема благодарност ќе си спомнуваат за нив.
Од формирањето на фондациите стипендии добивале над 450 студенти од сите високообразовни организации, од кои 350 веќе дипломирале, некои од нив се стекнале и со високи научни звања: магистри и доктори на науки.
Големото благородно дело на нашите сонародници – донатори Атанас Близнаков и Петар Стаматов, претставува своевиден пример за младите генерации да придонесуваат за развојот на науката и за афирмацијата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, а со тоа да учествуваат и во развојот и јакнењето на угледот на нашата држава, Република Македонија, за што тие, низ целиот свој животен пат се залагале и придонесувале.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје им е вечно благодарен на Атанас Близнаков и на Петар Стаматов и нивните имиња ќе ги заземаат првите места на Спомен – плочата на донатори, изработена во знак на почит и благодарност кон сите кои дадоа значаен придонес во создавањето и развојот на творечкиот подем на Универзитетот.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН