Мицковски: ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието, ќе бара гласање недоверба на Владата

Извршниот и Централниот комитет ВМРО-ДПМНЕ  синоќа донесе одлука пратениците од партијата да учествуваат во работата на Собранието на Македонија.

– Донесовме одлука учествувајќи во работата на Собранието жестоко да се бориме за секој предлог кој е во корист на граѓаните и да се спротивставиме против секоја штетна мерка, и антидржавна политика спроведувана од парламентарното мнозинство, изјави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски по состаноците на партиските тела.

Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, посочи Мицковски ќе биде покренување на прашање за гласање недоверба на Владата.

– Од она што досега видовме се работи за влада со изгубен кредибилитет, влада која не работи за граѓаните и ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ  во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржана влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо толку подобро за државата. Поразите станаа секојдневие, а голиот популизам нејзино обележје, во реалноста народот живее многу полошо. Оваа криминална влада станува запаметана како најнеспособната досега од осамостојувањето на Република Македонија, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Посочи дека во финална фаза се преговорите за реформските закони, постигната е согласност за поголемиот дел од нив, при што се прифатени голем дел на нивните забелешки и укажувања за подобрување на законите. По целосното финализирање кое Мицковски очекува да биде готово во следните денови, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира за тоа да добе и писмени гаранции.

На власта и забележа дека во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ не беше во Собранието, донела клучни закони без било каква консултација со опозицијата, како што е законот за администрацијата, со кој, според Мицковски се отвора можност за партиски реваншизам и бркања од работа. Наведе дека „надвор од реформските закони ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ништо да помине за кое ќе оцени дека не е од корист на граѓаните“