Претседателските кандидати на митинзи и средби со граѓани во повеќе региони

Претседателските кандидати, денеска, на деветтиот ден од предизборната кампања, продолжуваат со претставување на своите програми на митинзи и средби  во повеќе региони во државата. 

Државната изборна комисија на денешната седница ќе го разгледа и усвои Извештајот на ДИК за преземените работи согласно член 153-а од Изборниот законик, за прифаќање на остатокот од мандатот

Тимот на кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата најави активности во Дебар, Гостивар и Тетово, додека претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски ќе се претстави во скопските општини Илинден, Петровец, Карпош, како и во Центар, каде ќе има централен митинг.

Претседателската кандидатка на Левица Билјана Ванковска ќе има средби во Македонска Kаменица и Делчево, а кандидатот на Движењето ЗНАМ  во Демир Капија, Неготино и Росоман, како и митинг во Кавадарци. Кандидат за претседател на коалицијата Вреди Арбен Таравари и претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, пак, најавија средба со Албанската академија на науките и уметност во Тетово. 

И на вчерашните предизборни активностипораките и ветувањата на кандидатите беа за евроинтеграциите, борбата против корупцијата и криминалот, надлежностите на претседателот, стандардот на граѓаните, но и за заштита на животната средина….

Османи вети основање борд за валидација, составен од домашни и меѓународни експерти, кој ќе врши ветинг на сите проекти и закони за заштита на животната средина и ќе гарантира дека сите закони се одржливи. 

Пендаровски, во одговор на обвнувањата од опозицијата истакна дека немал причини да го бојкотира вториот изборен круг зашто рече дека ќе победи на изборите. Оцени дека актуелната владејачка гарнитура со сите мани и грешки е десет пати подобра од тоа што го нудела опозицијата или го нудат сега.

Силјановска Давкова го коментираше извештајот на „Фридом Хаус“ каде што бележине уназадување во демократијата, корупција и криминал. -И замислете сега тие, кои сместени во највисоките врвови на власта и добиле епитет на корумпирани и криминализирани, сега ќе ја реформираат Македонија. Не бива реформатори од луѓе потонати во корупција и криминал. Не. Ние сме реформаторите, а тие ќе бидат клиентите. Крајно време е овие клиенти во сите области да одговараат. Се разбира пред независно судство, рече Силјановска Давкова.

Димитриевски, пак, на прес-конференција алармираше за притисоци од власта за кои, како што рече имале за цел да го оттргнат од целосна посветеност на изборниот процес. Посочи дека за неполн месец се соочил со две обвиненија, а со притисоци се соочувале и вработени во јавна и државна администрација, како и граѓани од ниски социјални слоеви.

Таравари, реагираше на најновиот извештај на „Фридом хаус“, го оцени како вознемирувачки и порача дека системот на корупција, заедно со неговите гласноговорници кои се кандидираат за претседател, мора да се отстрани. 

Според Ванковска, Уставот веќе не може да се „крпи“ оти сега, рече, е „крпеница“, наликува на фустанот на Пепелашка со безброј амандмани. Вети носење на нов, модерен современ устав за 21 век за модерна македонска нација е дел од програмата на кандидатката за претседател.