Мицкоски прифаќа дуел со Пендаровски, но, прво треба да биде лидер на СДСМ и да и се извини на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска-Давкова

Пендаровски за да дебатира со мене најпрвин треба да биде претседател на СДСМ. СДСМ да биде наскоро најголема опозициска партија и јас му стојам на располагање за дуел во кое било време за дебата, да избере медиум, да избере време, ден и немам никаков проблем да дебатирам, истакна претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска по средбата со членовите на УО на МАСИТ одговараше на новинарско прашање за тоа како ја коментира поканата за дулел на кандидатот на СДСМ за шеф на државата, Стево Пендаровски.

Мицкоски истакна дека треба да завршат изборите, а какошто рече, како што стојат бројките Пендаровски ќе доживее силен пораз. Тој побара Пендаровски и да се извини на кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

-И треба уште еден услов да исполни, а тоа е да се извини на професорката Гордана Силјановска Давкова за навредите, кои ги кажува на отворена сцена. И навистина мислам дека тоа што тој го прави е непримерно. Но, тоа е негов начин на однесување, навреда кон дама, навреда кон жена е нешто кое што ниту е дел од мојот карактер, ниту пак за мене е прифатливо и очекувам тој гест да го направи – да се извини, па потоа се останато, вели Мицкоски.

Прашан како ја коментира досегашната кампања, Мицкоски рече дека Ковачевски не го коментира, бидејќи исчезнал.

-Не знам дали Пендаровски се срами од Ковачевски како претседател на партијата која што го поддржа или има нешто друго како причина, но човекот исчезна. Што се однесува до Пендаровски мислам дека и начинот на кој што ја води кампањата веќе дадов одговор на тоа прашање, рече Мицкоски.

Што се однесува за останатите пет претседателски кандидати, Мицкоски истакна дека од останатите македонски кандидати ги слуша вообичаените пораки и не може да препознае ништо ново.  

– Гледам дека во албанскиот условно да кажам блок кампањата претежно се води со испраќање пораки преку прес-конференции, многу мала теренска кампања. Можеби тоа беше така поради празникот којшто беше и постите поврзани со истиот. Ја користам оваа прилика уште еднаш на нашите сограѓани од исламска вероисповес,т да им го честитам  празникот, да им посакам ним и на сите граѓани здравје и среќа. Тоа е најважно, другото ќе си дојде. Така што, очекувам сега можеби и поголема динамика откако поминаа постите таму, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски посакува  кампањата да биде мирна, да нема, како што, рече некои посериозни инциденти, да биде демократска.

-И потоа оние коишто ќе ја добијат довербата јас силно верувам дека ќе биде Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ да направат нешто ново за Македонија, нешто што ќе биде поразлично од тоа што го гледаа граѓаните изминативе три децении, изјави Мицкоски.