Една седмица изборна кампања, претседателските кандидати продолжуваат со митинзи и средби со граѓани

Една седмица од кампањата за претседателските избори, кандидатите и денеска продолжуваат со митинзи и средби со граѓани на кои ги претставуваат своите изборни програми.

Караванот на претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, денеска продолжува со средби на граѓаните на Демир Капија, Градско и Росоман. Актуелниот претседател вечерва ќе се обрати и на митинзи во Неготино и во Кавадарци. 

Kандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, со митинзи денеска ќе продолжи во Василево, Босилово, Радовиш и во Струмица.

Билјана Ванковска, кандидатката на „Левица“, денеска во скопската населба Карпош кај „Сити мол“ ќе има средба со граѓани. Потоа, во Нерези ќе има положување цвеќе пред Споменикот на партизаните, a во Аеродром – Отворање на канцеларија во населба Лисиче до ОУ „Гоце Делчев“.

На дневната агенда на кандидатот на ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, се средба со граѓани од врата на врата во Лозово, како и изјава и средба со граѓани во Свети Николе. Оттаму заминува во Штип каде ќе се обрати пред општинскиот штаб на партијата.

Државната изборна комисија на денешната седница ќе го разгледа и усвои Извештајот на ДИК за преземените работи согласно член 153-а од Изборниот законик, за прифаќање на остатокот од мандатот

Вчерашните митинзи во повеќе градови, уставните измени помеѓу главните пораки 

Во фокусот на вчерашните митинзи на претседателските кандидати беа уставните измени, а дел од нив се осврнаа и на преговорите со Европската унија, како и отворање на нови пазари. 

Претседателскиот кандидат на ДУИ и Европскиот фронт,  Бујар Османи, вчера порача дека кочењето на европската интеграција е најголемото предавство што може кој било политичар или политичка партија да го направи кон сопствениот народ. Според него, нема алтернатива за уставните измени, нема да има влада без уставни измени и уставните измени, како што рече, ќе почнат да се имплементираат веднаш по изборите.

– Ако ја добијам поддршката на граѓаните за претседател првата работа што ќе ја направам е да ги повикам и условно кажано да ги затворам лидерите на политичките партии и главните фактори во претседателскиот кабинет и тој состанок ќе трае ако треба со денови и недели и месеци. Но, нема да излеземе од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг додека не постигнеме натпартиски и надетнички и државен консензус дека ќе продолжиме да се расправаме и натпреваруваме под однос на сите прашања, рече тој.

На дискусијата на тема: Граѓански устав vs. Oхридски устав во Старата Скопска Чаршија, Османи вчера порача дека на овие избори граѓаните се оставени пред два различни концепта – на укинување на Рамковниот договор, враќање на демократијата на мнозинскиот модел во кој што ќе се исклучи гласот – одлучувањето на сите заедници, и Охридскиот устав кој што доведе до еднаквост, соживот и благосостојба во оваа држава.

Кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, на вчерашниот митинг на платото пред Дом на АСНОМ во Делчево, порача дека овие избори се многу важни, затоа што, како што рече, од нив зависи дали Македонија ќе продолжи по истата патека и истата магистрала кон Европа и кон развиениот свет или ќе се враќа назад. 

Тој се осврна и на најважните работи за државата кои се направени изминатите години при што ги спомена договорот со Грција, членството во НАТО и преговорите со Европската Унија.

– Ниту една политичка гарнитура претходно, а не, пак, претходната влада, немаше храброст да ги одвои тие преговори, за тоа што си ги чуваа фотелјите, парите, власта и моќта. Оваа политичка структура, од која и јас сум дел, веќе 20 години наназад, се одважи, ја прифати европската преговарачка рамка со која се гарантира македонскиот национален идентитет, самобитноста и посебноста на македонскиот литературен јазик, додаде Пендаровски.

На вечерашниот митинг во Делчево Пендаровски го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на дуел. Претседателот потенцираше дека е подготвен да се соочи со опонентите во кое било време, на кој било терен, на која било телевизија.

– Јас сакам вечерва да предложам да имаме вистински дуел, да има реален дуел, не фингиран дуел. Јас предлагам вечерва да излезам на дуел со Христијан Мицкоски, бидејќи очигледно тој е кандидат за претседател. Госпоѓата Силјановска не ја гледаме каде е, рече Пендаровски. 

Претходно караванот на кандидатот за претседател имаше средби со граѓани од Општините Македонска Каменица, Пехчево и Берово.

Кандидатката на Левица за претседател на државата, Билјана Ванковска, на средбите со граѓани во Неготино, истакна дека решенијата што ги содржи нејзината програма се многу директни.

– Решенијата што ги содржи мојата програма се многу директни, нема двоумење и дискусија. Ги раскинуваме трите договори што влечат надолу. Мојата порака е дека Европската Унија е бајка. Таа веќе се менува. Таа е веќе милитаризирана. Таа веќе ги инвестира парите во војна,  за жал. Конечно треба да си го вратиме достоинството, порача Ванковска. 

Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, на вчерашниот митинг во Куманово вети ќе стори сѐ, како што рече, Македонија да биде пристојна држава во која владее правото, правдата, а не „моќни политички богови и олигарски групи“.

– Оние кои се на функција треба во секој момент да ви докажуваат дека таму се поради вас, не поради своите кариери, јас ќе го докажам тоа, рече Силајновска Давкова. 

Обраќајќи им се на младите рече дека за нив е потребно да се создаде амбиент за натпревар во кој што тие ќе сакаат да се вратат дома, рече дека е горда на спортистите, на академците.

– Сѐ е ново во програмата, дури и она обичното може да биде импулс во просперитетот на државата и во европеизацијата на Македонија. Ќе се обраќам не како овој претседател, само за Нова година, туку, секогаш кога ќе мислам дека треба да ги потсетам и пратениците, и Владата, на граѓаните, особено на оние кои имаат потреба од заштита. Тоа е демократски, тоа е во рамките на поделбата на власта, и што е најважно тоа сите ќе го видете пред Собранието, оти собранието е јавна граѓанска и пратеничка сцена, рече Силјановска Давкова.

Најави засилена соработка со иселениците, организирање семинари по македонски јазик за децата, а во обраќањето пред кумановци се осврна на екологијата и заштитата на животната средина и рече дека во соработка со граѓански организации ќе гради стратегија. 

Кандидатот Стевчо Јакимовски од ГРОМ на вчерашните средби со жители на Тиквешијата изјави дека неговата заложба ќе оди во насока на отворање на нови пазари, имајќи предвид дека, како што рече, со војната во Украина македонските земјоделци го загубија белорускиот и рускиот пазар, Тој рече дека претседателот на државата мора да ја развива и економската дипломатија. 

– Заедно со мене кога ќе одам на службени патувања, постојано ќе треба да оди и министерот за економија, да се отвораат нови пазари, нови можности за македонското земјоделие, особено за конзервната индустрија што се развива во овој дел од регионот. Значи овде воТиквешијата и оној дел кон Гевгелија, појасни Јакимовски. 

Како претседател додаде дека ќе инсистира за поттик и развој на наменската индустрија и отворање катедра за вооружување на Машинскиот факултет. Јакимовски рече дека постојат огромни можности во делот на таа индустрија. 

– Затоа што, во наредните 20 години ќе има глад за оружје и муниција, имајќи ја во предвид војната во Украина, што сигурно нема да запре наредните две години, изјави Јакимовски во Кавадарци.

Караванот на Максим Димитриевски, кандидатот за претседател на Македонија од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, вчера беше во посета на полошкиот регион. Димитриевски одржа средби со граѓани во Јегуновце, Теарце, Брвеница и во Тетово.

На средбите тој истакна дека досегашните претседатели се покажале дека повеќе се верни на партијата која ги номинирала, отколку на граѓаните кои ги избрале и тоа треба да се промени.

– Ниту еден претседател во историјата на оваа држава, со исклучок на поединци со доблест и став, не се одважија во ниту една прилика да кажат не, на кој било политички субјект, а камоли на тоа од кај што потекнуваат. Јас од позиција на претседател никогаш нема да потпишам закон со којшто не се согласува мнозинството на граѓаните во оваа држава. На крајот на краишта, никогаш закон кој се прави измени во Кривичниот законик за само-амнестирање на овие актуелни и оние коишто беа, а притоа да молчам, истакна во Тетово, Максим Димитриевски.