-Не сум тука само да учествувам. Одиме по потешкиот пат. Поведро и подонстоинствено не можеме да го направиме тоа. Сѐ штo треба да направиме е да ги мотивираме граѓаните зад параванот, рече кандидатот за претседател Билјана Ванковска, на денешното отварање на канцеларија на Левица во Волково.
Во Волково се обратија и Амар Мециновиќ, пратеникот и носител на ИЕ 3, Борислав Крмов, како и други членови на Централниот комитет.
Говорниците истакнаа дека во Ѓорче Петров живее работничката класа и поради тоа има еден посебен дух.
-Работничката класа ја има основано оваа држава, затоа работничката класа треба да ја ослободи повторно. Ако не се преземе нешто сега, може и да се изгуби оваа држава, не само да се редефинира. Свесен сум дека народот веќе не им верува на ДПМНЕ и СДС. Тие истите работи ги ветуваат над 20 години наназад. Кај ДПМНЕ и СДС се парите. Овој народ го доведоа на раб на егзистенција, за да можат полесно да владеат, истакна Мециновиќ.
Присутните се согласија дека народот повеќе не им верува на ДПМНЕ и СДС имајќи предвид дека истите работи ги ветуваат над 20 години наназад, како нешто да ги спречувало досега да ги реализираат.