Охридското Езеро три сантиметри над критичната кота

Хидролошките прилики во Охридскиот регион и натаму неповолни. Врнежите од дожд во текот на викендот и јужниот ветар што предизвика топење на снегот придонесоа нивото на водата во Охридското Езеро да достигне 694,03 метри надморска височина, што е три сантиметри над критичната кота од 694 метри.

Ситуацијата е усложената од покачувањето на водостојот на реките од езерското сливно подрачје, чија вода го дополнува Охридското Езеро, а испустот на вода преку Црн Дрим не може да се отвори макисмално поради опасноста од излевање на реката од нејзиното корито и поплавувањето на земјиштето долж течението.

Очекувањата се дека ситуацијата полека ќе се подобрува со оглед на стабилизирањето на временските прилики, престанокот на дождот и временските прогнози кои предвидуваат период без нови врнежи.

Ова е втор пат последните десет години Охридското Езеро да бележи толку висок водостој. Во 2013 година нивото на водата во езерото се искачи над критичната кота од 694 метри надморска височина што предизвика поплави по течението на Дрим и на одредени критични точки долж крајбрежјето.