Резолуција на Сенатот на САД за забрзување на процесот на евроинтеграција на земјава

Четворица американски сенатори иницираа резолуција со која се бара отворање на првиот преговарачки кластер на ЕУ со Северна Македонија, без какви и да било дополнителни билатерални услови. Според шефот на дипломатијата Бујар Османи, оваа резолуција значи охрабрување за земјава да продолжи на европскиот пат, поттик до ЕУ за забрзување на евроинтеграцијата на државата, но и порака до домашните политички фактори кои заговараат можни алтернативи на членството во Унијата. За американскиот заменик помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западниот Балкан, Габриел Ескобар, резолуцијата е показател дека САД се посветени на определбата за одржување на европска перспектива на земјава.   

Во резолуцијата спонзорирана од демократските сенатори Питер Велч од Вермонт и Џин Шахин од Њу Хемпшир и нивните републиканските колеги Пит Рикетс од Небраска и Том Тилис од Северна Каролина се повикуваат претседателот и државниот секретар на САД да продолжат тесно да соработуваат со Владата на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европска Унија. 

Министерот Османи оцени дека резолуција ќе претставува „ветер во едрата“ на нашата држава за членство во ЕУ и е особено важна затоа што е поддржана и од републиканците и од демократите, што значи дека во САД има „апсолутен консензус за поддршка на Северна Македонија“.  

– Во Резолуцијата се спомнува поддршката што ни ја даваат САД и се разбира ќе значи наше охрабрување да продолжиме на тој пат, меѓутоа и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза патот на Република Северна Македонија, рече Османи. 

Според шефот на дипломатијата, Резолуцијата носи порака и до политичките сили во земјава кои гледаат други алтернатива на членството во ЕУ. 

Прес-конференција на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

– Таа ќе помогне и во охрабрувањето на земјите членки, во нашето охрабрување дека немаме алтернатива освен членството во ЕУ, а малку е и порака до политичките фактори овде коишто заговараат дека може да има алтернатива на ЕУ, меѓутоа, процедурите се утврдени. Тие се во наш интерес. Ние треба само да продолжиме тука да одржиме една стратешка предвидливост, особено да не ја ризикуваме таа стратешка предвидливост сега со изборите и да продолжиме кон имплементирање на обврските за да станеме членка на ЕУ до 2030 година, потенцира Османи. 

Прашан кои се тие политички субјекти кои заговараат алтернативи, Османи одговори дека има политички партии и кандидат за претседател кои заговараат истапување од НАТО, но дека не е во прашање само реториката.  

– Секој што не работи за забрзано членство во ЕУ всушност работи за алтернативи. И оттука политичката сцена јасно е поделена на европски и антиевропски фронт, оцени Османи. 

Американскиот заменик помошникот државен секретар Ескобар на вчерашниот брифинг во Брисел во одговор на новинарско прашање дали резолуцијата претставува промена на позицијата на САД во однос на уставните измени, нагласи дека и Северна Македонија и Бугарија се важни членки на НАТО и сојузници на Вашингтон, па затоа американската Администрација сака мирно разрешување на сите прашања.  

Според него, САД се залагаат за продолжување на дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија базиран на факти и се посветени на определбата за одржување на европска перспектива на земјава.   

– Добивме уверување од Бугарија дека тие сакаат Северна Македонија да биде членка на ЕУ. Треба да ја искористиме предноста на овие можности, бидејќи Северна Македонија треба да биде рамноправен кандидат за членство во ЕУ, додаде Ескобар.  

Во резолуцијата на четворицата сенатори се „охрабрува Владата на Северна Македонија да продолжи со својата важна работа за членство во Европската Унија, како и напорите за продолжување на мирот, стабилноста и просперитет во Источна Европа“. 

– Северна Македонија останува важен безбедносен партнер на Европска Унија и САД и НАТО сојузник, обезбедувајќи ја Украина со хуманитарна помош и значителна воена опрема, гласајќи во Советот за безбедност на Обединетите нации и за резолуциите на Генералното собрание против руската агресија, приклучувајќи се кон сите руски санкции од Европската Унија, се вели во резолуцијата. 

Сенаторите Велч и Шахин лани во октомври за време на балканската турнеја при која ја посетија и Северна Македонија, ја истакнаа поддршката на САД за европската интеграција на Западниот Балкан и за безбедноста во регионот во услови на руската агресија врз Украина. 

Во врска со резолуцијата Велч истакна дека пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија ќе ја зајакне регионалната стабилност на Западен Балкан, ќе ја промовира европската кохезија и дополнително ќе го отфрли руското злонамерно влијание во регионот и пошироко.  

– Понатамошниот напредок на Северна Македонија во процесот на пристапување ќе претставува важна пресвртница за една земја која веќе направи значајни чекори на тој пат. Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на демократските реформи, владеењето на правото и трансатлантското партнерство. Уверен сум дека членството на Северна Македонија во ЕУ ќе донесе зголемени можности за развој на бизнисот и трговијата, како и дополнителна координација меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Северна Македонија, рече Велч. 

Сенаторката Шахин пак истакна дека е горда што ја спонзорира оваа резолуција што потврдува дека иднината на земјата е со европското семејство.  

– Откако ја пречекавме Северна Македонија во НАТО во 2020 година, сега е време да работиме за да му помогнеме на нашиот сојузник да ги исполни сите услови потребни за членство во ЕУ. По посетата на Северна Македонија со сенаторот Велч во октомври, се среќаваме со претставници на Северна Македонија и го препознаваме напредокот постигнат на нивната реформска агенда. САД треба да продолжат да работат со нашите партнери во Северна Македонија со цел проширувањето на Европската унија да стане реалност, додаде Шахин. 

Според Тилис, пак, Северна Македонија е вреден стратешки партнер и клучен сојузник на САД на Балканот.  

– Северна Македонија го зајакна НАТО кога се приклучи во 2020 година, а нејзиниот пристап во Европската Унија ќе го зајакне економскиот успех и раст на Европа. Горд сум што ја поддржувам оваа резолуција, која ја потврдува цврстата поддршка на САД за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, оцени сенаторот Тилис.