Во Музејот на македонската борба во Скопје утре во 12 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Македонскиот идентитет и македонското прашање, од античко време до 1912 г.“ од универзитетските професори Ванче Стојчев и Александар Стојчев, историчари, специјалисти за воената историја на Македонија од античко до денешно време.
Ова е втора постхумно објавена книга на Ванче Стојчев. Првата беше монографијата „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913 година“, објавена во 2011-та година, во коавторство со Александар Стојчев.
Проф. др- Ванче Стојчев е основач на Воениот музеј на Македонија – во 2006 година. Во 1996 година во Воениот музеј на армијата на Република Турција во Истанбул, Ванче Стојчев го откри легендарното Црешово топче користено во Крушево, во време на Илинденското востание. Истражуваше теми од воената и дипломатската историја на Македонија.
Проф. др Александар Стојчев, од 2010 година до смртта беше раководител на Служба за воена историја – Воен музеј во Министерството за одбрана. Беше автор на бројни изложби и едуктивни настани од национален и меѓународен карактер. Освен со музејска дејност и настава се занимаваше со научно истражувачка работа со нагласка на периодот на Балканските војни и Првата светска војна.
За темите од најновата книга на двајцата автори „Македонскиот идентитет и македонското прашање“ ќе зборуваат уредниците проф. д-р Наде Проева и проф. д-р Тодор Чепреганов, а настап ќе има и оперскиот пејач Борис Трајанов. Влезот е слободен.